Денешната трибина организирана од Форумот на жените на ДОМ, на тема „Влог во младината – добивка за иднината“, се одржа под мотото на Ф. Рузвелт: „Ние не можеме постојано да ја креираме иднината на нашите деца, но можеме да ги креираме нашите деца за иднината“. Беше искажана загриженост од состојбите на однесувањето на децата и младите, но беа понудени и излезни решенија за справување и надминување на овие состојби.
Проф. д-р Елизабета Дејанова се заложи за доследна примена на постоечката законска регулатива за заштита на младите, посебно во поглед на одредбите за забрана на движење на малолетници во доцните ноќни часови и точење на алкохол во локалите, како и борбата со дрогата и разни видови насилство во домот и околината.
Проф. д-р Марија Ралева, психијатар, се заложи за дополнување на законската регулатива со нови институционални форми за заштита на младите, заради пружање психолошка, терапевтска и друга помош за децата и родителите (советувалишта за родители и деца и прифатилишта за згрижување на децата-жртви на насилство)
За ефикасно справување со социопатолошките појави кај младите во модерното општество потребна е континуирана едукација не само на адолесцентите, туку и на родителите и наставниот кадар, за нивно препознавање и спречување; потребна е поголема застапеност на младите во вонучилишните активности и измена на образовните програми за нивно вклучување во општествено корисна работа и насочување кон вистинските вредности и поуспешно воспитување и образование; едукација за да ги применуваат начелата за чиста и здрава средина, здрав живот и поорганизирано еколошко воспитување на младите и нивно поврзување со природата.
Лилјана Поповска, претседател на ДОМ смета дека состојбите се загрижувачки, но не се нерешливи, а за справување со нив потребно е координирано вклучување на сите чинители – родителите, наставниците, институциите на државата како министерствата за образоване и наука, за труд и социјална политика, за внатрешни работи.
Со почит,
Сектор за односи со јавност на ДОМ