
Колумна на Снежана Будимовска, член на ЦО на ДОМ
Не можеме да ги решиме проблемите на ист начин на кој сме ги создале.
Алберт Ајнштајн
Главниот проблем во нашата држава е молчењето. Кај нас со генерации се провлекуваат сентенците:
“Молчењето е злато” и “Наведната глава сабја не ја сече”.
Тоа некако се има вкоренето во нашиот менталитет и однесување, а транзицијата, војните, осиромашувањето го направија своето, па се претворивме во апатична, политизирана, корумпирана земја на изморени, возрасни луѓе. Земјата полека одумира. Младите се иселуваат во потрага по подобар живот. Не, не по побогат, туку по подостоинствен.
Наутро се будам околу 5ч. Mе буди оџата од Нерези. Го слушам на околу 1.5км одалеченост. Секое утро се прашувам како им е на луѓето кои живеат поблизу до џамијата, го крши ли законот за пропишани децибели во населено место и ако е така зошто со години истата приказна продолжува? Ако имам среќа се будам наспиена и ја почнувам дневната рутина. Лето најчесто се будам нервозна и ненаспана зошто трките со мотори на “Партизанска” се редовна појава со години наназад. Понекогаш се надополнети со некоја журка и гласна музика од околните кафулиња. Дали го прекршуваат законот? Сигурно да. Дали некој ги санкционира? Сигурно не. Во тек на зимата не’ дочекува загадено, магливо, смрдливо скопско утро. Гори кој што ќе стигне. Зима е, треба луѓето да се греат. Законот за пелети, нивното поскапување никој не го регулира. Дали постои закон со кој се реулира загаденоста од индивидуалните домаќинства, издувните гасови? Сигурно постои. Дали се применува? Сигурно не.
Излегувањето од дома и возењето до работа со било кое превозно средство е стресно искуство. Никој не ги почитува законите во соораќајниот метеж. Не постои зелен бран како мерка за намалување на загадувањето, сообраќајните знаци не се почитуваат, сирените се секојдневна појава. Улиците се поправаат со години, шахтите никогаш не се нивелирани, дупките никогаш не се закрпени. Јавниот превоз е катастрофално лош. Патот два пати дневно ме води низ тн. Пластичарска улица. Возењето е трауматично-истрчуваат пешаци, велосипедисти, улицата од двете страни е зафатена со паркирани автомобили, а дивоградбите никнуваат како печурки. Дали се почитува закон? Не. Дали некој го санкционира непочитувањето на законот? Не.
Стигнувам на работа. Здравство-една од најгорливите гранки во нашата држава. Гранка која постојано се соочува со недостог на кадар зошто истиот постојано се одлева во други држави во потрага по подобра и подостоинствена иднина. Пред една недела имаше полемика дали треба на младите специјализанти кои ја плаќаат својата специјализација приватно и чини 10000-13000 евра да им се доделува месечен надоместок за нивната работа во износ од 24000 денари. Полемиката беше дека државата ќе осиромаши со издвојување буџет за нивната работа, а тие потоа стекнато знаење можеби ќе го искористат во некоја друга држава. Никој не се запраша што државата ќе им понуди нив за да останат? Дали ќе им обезбеди соодветно работно место и буџет за достоинствена плата или ќе ги држи на некои срамни договори кои секако ќе го пробијат зааконскиот рок на кој се склучени. За жал, буџетот е распределен во администрацијата кај гласачкото тело. Скоро 1/3 од нив не одат на работа, а ½ не се квалификувани за таа работа. Но, тие се главното гласачко тело и затоа спаѓат во групата на привилегирани граѓани. Дали овој начин на распределба на буџетот носи напредок на државата? Дали уништувањето на здравството и образованието за сметка на пренатрпана администрација носи кон подобар, подостоинствен живот? Секако не.
На социјалните мрежи се споделуваат информации за истражувањата за модуларната болница во Тетово, за отсуството на државна химна и знаме при приемот на премиерот од Косово, за стадионите во Тетово кои се резервирани само за тимот на Шкендија…. Доаѓам дома и вклучувам вести-медиумски молк за овие информации.
Денот полека го отстапува местото на вечерта. Доаѓа полноќ и почнува трката co мотори….Кругот продолжува да врти.
Дали треба децата да ни простат? Не!
Треба да ги замолиме нашето молчење никогаш да не го заборават, а нашата срамота треба да ја носиме за навек.Ние дозволивме да добрите, вредните, чесните бидат нечујни и дребни, а криминалците,баграта, оние со купени дипломи бидат битни и големи.Затоа никогаш немој да ни простите за тоа што молчиме, затоа што попуштаме, допуштаме, па злото ви го препуштаме.
Немојте да ни простите, виновни сме!
И сѐ додека не сфатиме дека молкот мора да го прекинеме, дека проблемите не можеме да ги решиме со однесувањето со кое ги искреиравме, никогаш, ама баш никогаш нема да се поместиме кон подобдра и посветла иднина. Затоа гласот треба да го дигнеме, а попаметните никогаш веќе не треба да попуштаат!
м-р Снежана Будимовска