Колумна на Д-р Христина Оџаклиеска, член на Извршен одбор на ДОМ

Економските активности ги создал човекот за задоволување на сопствените потреби. Помеѓу економските активности и природата постои тесна врска, првенствено заради зависноста од природни ресурси. Од тука, економските претпријатија ги набљудуваме како отворен систем во кој постои проток на ресурси. На влезот во системот ресурсите влегуваат како примарна или секундарна влезна суровина, а излегуваат во форма на производ и отпад. Отпадот се враќа назад во природата, исто како и производот, по завршувањето на неговата употреблива вредност.

За жал, кај нас доминира принципот на линеарна економија “земи-произведи-употреби-фрли”. Како резултат на тоа, се зголемува притисокот врз природата заради зголемената употреба на природни ресурси кои се користат како суровина, од една, и зголемената количина на создаден отпад, од друга страна. Свесни за прекумерната употреба на природни ресурси, но и негативното влијание на отпадот врз површинските и подземните води, нашата околина и во крајна инстанца потенцијалното негативно влијание врз нашето здравје, отпадот и понатаму се третира како материјал кој нема вредност и истиот се одложува на депонија.

Неодржливиот линеарен модел на производство, кој е доминантно присутен кај нас, ја наметнува потребата од креирање на нова стратегија за одржливо искористување на ресурсите и намалување на количините на создаден отпад. Во вакви околности, примената на концептите на циркуларна економија и урбан метаболизам, иако различни но комплеметарни концепти, се очекува да даде резултат.

Циркуларната економија како концепт ја истакнува вредноста на отпадот како ресурс и можноста истиот да биде рециклиран или употребен повеќекратно како секундарна суровина во ист или друг производен процес. Аналогно на начинот на кој функционираат екосистемите во природата, овој пристап промовира трансформација на економските претпријатија во затворен систем во кој суровините циркулираат и повеќекратно се искористуваат. Со тоа се очекува да се намали притисокот врз природата заради прекумерната употреба на ресурси, но и да се намали количината на отпад кој се одложува на депонија.

Урбаниот метаболизам како концепт овозможува следење на протокот на енергија и ресурси во градовите, како комплексни системи со различни социјални, економски и еколошки струења. Примената на концептот на урбан метаболизам треба да им овозможи на планерите креирање на плански решенија кои ќе ја олеснат транзицијата кон циркуларната економија во населените места. Односно, увозот на ресурси од далечни области треба да се редуцира преку рециклирање или повеќекратно искористување на отпадот како суровина во рамки на самото населено место.

Просторната реорганизација и примената на нови економски практики преку циркуларната економија имаат клучна улога во креирањето на урбаниот метаболизам во градовите.

Преземено: https://denesmagazin.mk/