ДОМ: Извршниот одбор ја поддржа одлуката на Поповска за отстапување на добитното пратеничко место

Извршниот одбор на ДОМ на својата вчерашна седница ја поддржа одлуката на претседателката Лилјана Поповска да се повлече од добитното четврто место во И.Е.2, а на нејзино место да биде предложен друг кандидат од ДОМ, кој доследно ќе се бори за демократските принципи и зелените политики.

Извршниот одбор оцени дека сега, непосредно пред важните парламентарни избори, е време за единство и дека овој потег оди во насока на поголема слога и кохезија во опозиционите редови. На овој начин ќе може сите демократски сили во земјата да се насочат кон позитивни промени и демократизација на земјата. Истовремено, ДОМ покажува со пример дека е воден од идеали и принципи.

Конечните одлуки за кандидатите што ќе го претставуваат ДОМ на изборните листи ќе бидат донесени утревечер, на седница на Централниот одбор на ДОМ.