
Не е задача на државата да ги субвенционира цените на прескапите станови. Нејзина задача е да спречи илјадници домови да стојат празни додека младите немаат каде да живеат. Вистинска станбена политика не се гради со попусти за скап квадрат, туку со ставање во функција на постојниот станбен фонд.
Премиерот Христијан Мицкоски најави попуст при купување стан, нула комуналии за изградба на куќа и дополнителни мерки за младите. Но наместо да го решава проблемот со недостапното домување, Владата повторно нуди мерки што звучат атрактивно во јавноста, а не ја менуваат реалноста со која се соочуваат младите луѓе.
Клучното прашање останува неодговорено: како млад човек со просечна плата да дојде до сопствен дом во услови кога цените на становите достигнуваат и над 3.000 евра за квадратен метар?
Дури и со најавениот попуст од 20 проценти, стан од 3.000 евра за квадрат би чинел 2.400 евра за квадратен метар. За огромен дел од младите семејства тоа и понатаму е недостижно.
Истото важи и за ослободувањето од комуналии за изградба на куќа. Без достапно градежно земјиште, инфраструктура и значителни сопствени средства, оваа мерка е недостижна за мнозинството млади брачни парови.
Владата повторно го насочува вниманието кон изградба на нови станови и куќи, наместо кон едно многу поважно прашање: што ќе се направи со огромниот број веќе изградени, а неискористени станови?
Додека младите не можат да дојдат до дом, голем дел од станбениот фонд стои празен и се користи како инвестиција, средство за шпекулација или едноставно останува надвор од пазарот. Наместо дополнително да ја стимулира побарувачката на и онака прегреан пазар, Владата треба да преземе мерки што ќе ги стават во функција постојните станбени капацитети.
ДОМ смета дека политиката за домување мора да се заснова на јавниот интерес и реалните потреби на младите, а не првенствено на интересите на градежното лоби и континуираното ширење на станбената изградба.
Затоа предлагаме:
• Активирање на празниот станбен фонд преку воведување повисок данок за долгорочно празни станови и други механизми што ќе го обесхрабрат нивното држење надвор од употреба.
• Даночни поволности за станови што реално се издаваат на млади лица и млади семејства по достапни и регулирани цени.
• Регулирање на пазарот на закуп преку стандардизирани договори, подобра заштита на кираџиите и субвенционирање на дел од киријата за младите.
• Создавање Фонд за достапно домување преку обнова и ставање во функција на неискористени државни и општински објекти за поволен закуп.
• Запирање на прекумерната бетонизација и урбанистичко планирање насочено кон квалитет на живеење, зелени површини и одржлив развој на градовите.
Младите не бараат повластување за да купат прескап стан. Тие бараат реална можност да си обезбедат дом и достоинствен живот.
Затоа Владата треба јавно да одговори на неколку едноставни прашања:
• Колку празни станови има во државата?
• Колку од нив се надвор од пазарот со години?
• Што конкретно ќе преземе за тие станови да станат достапни за живеење?
• Зошто се стимулира нова изградба, наместо да се активира постојниот станбен фонд?
Без одговор на овие прашања, најавените мерки остануваат само добро спакуван маркетинг, додека станбената криза за младите продолжува да се продлабочува. Владата не смее да ја мери успешноста на станбената политика по бројот на новоизградени квадрати, туку по бројот на млади луѓе кои успеале да обезбедат пристоен и достапен дом.



