ДОМ ги избра кандидатите за пратеници

На Централниот одбор на ДОМ одржан вчера вечер (09.11.2016) беа избрани кандидатите за пратеници на парламентарните избори 2016. Тоа се д-р Маја Морачанин на добитното 4. место во И.Е.2, Лилјана Поповска во И.Е.1 и Валентин Тасевски од Тетово во И.Е.6.

Централниот одбор ја донесе и одлуката за коалиционен настап на ДОМ во рамките на опозиционата лево-центристичка коалиција предводена од СДСМ. Тоа е логична завршница на речиси двегодишната заедничка борба со прогресивните сили во земјата за демократизација и позитивни промени. И покрај нашите заложби за самостоен настап, оценивме дека во моментов е неопходно групирање на силите, за да се постигнат промени во насока на функционална и демократска правна држава.

За ДОМ е исто така значајна обврската што ја презеде коалициониот партнер дека ќе обезбеди промена на изборниот модел во една изборна единица со отворени листи, како и реализација на редица приоритети од зелената програма на ДОМ. Акцентот е на заштита на животната средина; пакет закони во урбанизмот; зелена економија и зелени работни места; еднакви можности и недискриминација; и децентрализација и рамномерен регионален развој.