ДОМ: Добро е што заврши преговарачката агонија

Добро е што заврши преговарачката агонија. Со договорот ќе се создадат минимум услови за пристојни избори, доколку власта повторно не го изигра. Веројатно повеќе не можело да се постигне со владејачка партија која секој ден измислува нов проблем, за да го стави на маса за преговарање. Токму затоа сите баравме вклучување и на други политички и граѓански субјекти, за да не биде опозицијата оставена да се бори во однос 3:1.

Веруваме дека овојпат ќе има избори и дека со оглед на нараснатата граѓанска свест ќе има поголема контрола на изборниот процес и ќе се оневозможи дел од манипулациите за кои слушнавме во бомбите. Датумот за избори е условен, на барање на опозицијата и значи: првин услови, потоа избори.

Според договорот, избирачкиот список ќе се прочисти делумно и ќе бидат опфатени 210.000 лица кои нема да можат да бидат злоупотребени. Значи, уште 110.000 спорни гласачи остануваат за проверка во иднина, при нормализирана состојба. Да не заборавиме дека имаше 6.000 граѓански пријави за фантомски гласачи на вистински или измислени адреси, со по десетици имиња во пријава. Имаше и 36.000 починати гласачи, според официјалниот став на ДИК донесен со консензус, кога беа утврдени 330.000 спорни гласачи.

Добро е и што се суспендирани измените на Законот за внатрешни работи, како и назначувањето на функционери од МВР за истражители во обвинителството. Исто така е значајно дека постои обврска за спроведување на препораките од Прибе преку собраниски расправи со работна група во која ќе бидат вклучени граѓански организации и експерти.

Добро е што сите партии се обврзале за поддршка на СЈО, иако за да има исход од неговата работа, треба да се формира специјално судско одделение. Медиумите ќе треба дополнително да се регулираат, ова не е доволно решение.

Со почит

 Сектор за односи со јавноста на ДОМ