
ДОМ најостро реагира што парламентарното мнозинство со само 63 гласа „за“ ги донесе измените на Законот за јавните набавки, игнорирајќи ги предупредувањата од домашните експерти, Центарот за граѓански комуникации и Европската комисија за зголемен ризик од корупција. Оправдувањето на премиерот дека со овие промени се спречува намерно рушење на тендерите не смее да биде изговор за укинување на надзорот и казнување на сите чесни фирми. Наместо затворање на постапките, ДОМ нуди јасни насоки како системски да се решат проблемите во јавните набавки:
• Отворена конкуренција наместо договори „во четири очи“: додека во јавноста се зборува само за зголемување на малиот праг од 5.000 на 10.000 евра, со измените се отвора простор за набавки без оглас до 25.000 евра за стоки и дури до 120.000 евра за градежни работи. Наместо директно договарање без тендер, за помалите набавки треба да се воведат задолжителни електронски пазари (е-каталози) каде системот автоматски бара понуди од повеќе фирми, а секој склучен договор веднаш да се објавува јавно.
• Враќање на контролната улога на Бирото за јавни набавки: со бришењето на правилото од 2019 година за задолжителна претходна согласност од Бирото при постапките со преговарање без објавување оглас, се отстранува клучен заштитен механизам. Контролата мора да остане силна — преку враќање на задолжителната претходна согласност од Бирото, јавна најава пред потпишување на вакви договори за да можат конкурентите да реагираат, и софтверско следење на ризичните набавки по европски стандарди.
• Санкции за злоупотребите од адвокатски друштва, а не казна за малите фирми: тројното зголемување на надоместокот за жалба (од 200 на 600 евра) ги обесхрабрува малите компании и им ја прави правната заштита прескапа и потешко достапна. Наместо поскапување на таксите за сите, намерното рушење тендери од страна на адвокатски друштва и фирми треба да се спречи со ограничување на адвокатските награди на товар на државата кај малите набавки, со строга проверка дали фирмата што се жали има правен интерес и реална можност да го изврши договорот, како и со директни парични казни и пријави до Адвокатската комора при докажана злоупотреба.
• Бесплатен и отворен пристап до податоците за народните пари: воведувањето наплата за пристап до податоците за јавните набавки директно им го отежнува увидот на граѓаните, новинарите и граѓанскиот сектор во трошењето на буџетот. Податоците за секој потрошен денар од јавните средства мора да бидат целосно бесплатни и достапни за целата јавност.
Јавните набавки не се приватна работа на институциите, туку трошење пари на граѓаните. Како одговорна и проевропска политичка партија, ДОМ бара повлекување на решенијата што ја намалуваат транспарентноста и воведување јасни правила со кои се штитат и буџетот и чесните домашни компании.



