Кампања на ДОМ за Законот за урбано зеленило

Денеска во Градскиот парк со мотото „Закон за урбано зеленило веднаш!“ ДОМ ја започна кампањата за законот за урбано зеленило, кој што Лилјана Поповска го поднесе на 05.06. во Собранието на Република Македонија.

Целта на кампањата е да се поддржи иницијативата на ДОМ за носење на овој закон од сите пратеници и од сите граѓани, независно од политичка, етничка и верска  припадност.

Поповска притоа ги истакна придобивките од овој закон, пред се: обезбедувања на институционална заштита на градското зеленило во Македонија; изработка на зелен катастар (попис на градското зеленило, јавно достапен); пропишани 25 м²/жител зеленило во град; пропишани 10-30% зеленило на градежна парцела; заштита на сите дрвја со обем на стебло над 40 цм.

Таа потсети дека ДОМ се бори за овој закон веќе четири години, дека пред две години беше комплетно изработен во соработка Град Скопје, ЈП паркови и зеленило и Агенција за просторно и урбано планирање, а при првото поднесување на Законот на 26 февруари 2014 тој не доби поддршка, иако од коалициониот партнер беше прифатен како еден од условите на ДОМ за коалицирање на претходните избори.

Во настанот во Градски парк денеска учествуваа сите скопски ОО на ДОМ, но кампањата паралелно се одвиваше и во Битола, Прилеп, Кочани, Пробиштип, Штип, Берово, Делчево, Гостивар, Тетово, Петровец, Крива Паланка, Ранковце, Лозово, Дојран. Во останатите општински на ДОМ кампањата продолжува утре.

Со ова ДОМ како зелена партија го одбележа и Светскиот ден на екологијата.

 Со почит,

 Сектор за односи со јавност на ДОМ