ДОМ искажува крајно незадоволство од решението на Јавното обвинителство во Тетово, со кое ја отфрла Кривичната пријава против Југохром од Јегуновце, поднесена од ДОМ на 30 јули 2014. Кривичната пријава ја поднесовме за кривичните дела: Загадување на животната средина и природата (чл. 218) и Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи (чл.230).
Неприфатливо е отфрлањето на кривичната пријава на ДОМ, зашто таа се однесува на непочитувањето на Законот за животна средина од стана на Југиохром, со кој сите големи загадувачи требаше да направат еколошко прилагодување до 1 април 2014. За жал. Југохром беше еден од двата загадувача кои продолжија да го загадува воздухот со несмалено темпо, необрнувајќи внимание на поплаките и укажувањата од јавноста.
При поднесувањето на Кривичната пријава, ДОМ поднесе и официјален доказен материјал од Министерството за животна средина и просторно планирање, од кој се гледаат концентрациите на загаденост на воздухот во Тетово. Затоа за нас е несфатливо како може да биде игнориран од Обвинителството во Тетово, а како основ за неприфаќање на Кривичната пријава да се наведе записник од сослушување на застапник на правното лице Југохром.
Ова решение на обвинителството покажува непрепознавање или замижување пред кривичните дела кои ги има сторено Југохром, а кои имаат директно влијание врз животот и здравјето на луѓето и се главни причинители за менувањето на квалитетот на воздухот, водата и почвата во овој регион. Со непридржувањето кон прописите за заштита на животната средина, односно со одбивањето да преземе мерки за еколошко прилагодување, Југохром предизвика загрозување на животната средина и природата со отпадни материи, кои се опасност и за идните генерации.
Со почит,
Сектор за односи со јавност на ДОМ