ДОМ oрганизира акција за собирање Е-отпад

ДОМ организира акција за собирање е-отпад од 26 септември до 3 октомври 2014 во повеќе општини, во склад со Законот за електронски и електричен отпад. Договор за подигање на отпадот е направен со колективниот постапувач за е-отпад – „Нула отпад” од Скопје, кој се обврза да го подигне целокупниот електричен и електронски отпад од секој град.

Активистите на ДОМ ќе им се обратат за соработка на општините и комуналните претпријатија, ќе постават информативни пунктови на видни места, а отпадот ќе се собира во контејнери во текот на една недела (од петок до петок). Тоа подразбира СЕ ОД ЕЛЕКТРИЧЕН И ЕЛЕКТРОНСКИ ОТПАД: стари и неупотребливи компјутери, принтери, фотокопири, мобилни телефони, кабли, полначи, акумулатори, батерии, телевизори, фрижидери, шпорети и секаква друга бела техника– појасни женскиот портпарол Маја Морачанин.

Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани да се обратат во локалните канцеларии на ДОМ и да ги ослободат своите домови од овој отпад, посебно поради тоа што тој во одреден дел спаѓа и во опасен отпад и ја загадува животната средина. Со оваа акција ДОМ сака да ја подигне свеста кај граѓаните и општините, кои се задолжени за примена на Законот за електронски и електричен отпад донесен во 2012 година, но со слаба примена. Истовремено, ова е и поттик за граѓанскиот активизам, како една од основите за развој на отворено демократско општество – рече машкиот портпарол Тони Ристов.

Акцијата за собирање е-отпад ќе биде придонес на ДОМ кон годинашнава акција „Македонија без отпад” која се одржува веќе трета година од страна на Министерството за животна средина, со заменик министерот Стево Темелковски како владин координатор. Инаку, ова беше иницијатива токму на ДОМ, заедно со Асоцијацијата Ајде Македонија, заради заштита и унапредување на животната средина и примена на современи технологии во третманот на отпадот, со крајна цел добивање нови суровини, енергија и одржливост на системот.

Со почит,

Сектор за односи со јавност на ДОМ