ДОМ потписник на платформата „Зелена Македонија“

По повод 22 Април-Светскиот ден на планетата Земја,претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска денеска ја потпиша платформата „Зелена Македонија“.

Платформата се состои од 10 точки кои се однесуваат на загадувањето на Велес, индустриското загадување на градовите Кавадарци, Тетово, Скопје, Битола и Кичево, заштита на националниот парк Маврово и реката Радика, намалување на шумската сеча, прогласување на Шар Планина за национален парк. 

Лилјана Поповска во име на ДОМ истакна дека покрај овие точки ДОМ како зелена партија направи договор со ВМРО-ДПМНЕ за реализација на еден сериозен зелен програмски пакет во следниот мандат.

– Во тој пакет на барање ни е решавањето на отпадот во Македонија односно решавање на депониите. Критичните точки како што се Тетово, Скопје, Битола, Кичево и други области кои се однесуваат на опасно и старо историско напластено загадување, практично ни се побарани и добиени како услов за наше коалицирање, истакна Поповска.

Повеќе од 25 еколошки невладини организации од државата ја потпишаа платформата „Зелена Македонија“ со политичките партии и коалиции, учесници на претстојните претседателски и парламентарни избори.