„Сакам да Ве инспирирам да создадете повеќе кохезија во мултикултурните општества, преминувајќи ги етничките, верските и партиските линии, како што го направивме тоа ние во Македонското женско лоби, станувајќи пријателки и соборци, менувајќи го бројот на жени во политиката во Македонија од 6 на 34%.“ – се вели во личната порака на Лилјана Поповска, претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
„Јас бев инспирирана од Нуала Фенел, ирска сенаторка и женски активист. Таа беше мој едукатор и соработник во јакнењето на македонската жена и надминувањето на патријахалните стереотипи. Тоа беше предуслов за иницирање на Македонското женско лоби во 2000 година.“ – се вели во втората порака на Поповска.
Поповска се вклучи во светската кампања “Жените во парламентите – инспирирај промени” на Глобалниот форум (WIP) по повод Меѓународниот ден на жената 8-ми март. Пратеничките од целиот свет ги споделија своите искуства преку лични разгледници кои се дистрибуираат преку социјалните медиуми.