ДОМ како зелена партија изразува голема загриженост по повод веста дека Советот за општи работи на ЕУ дозволил одгледување на нов тип генетски модифицирана пченка ТЦ 1507. Посебно загрижува фактот дека одлуката е донесена наспроти одлучните спротивставувања на 19 земји-членки и 4 воздржани и по усвојувањето на резолуција против одобрувањето со двотретинско мнозинство во Европскиот Парламент.
Оваа генетски модифицирана пченка би била првата генетски модифицирана култура одобрена за одгледување во последните 15 години и само втора која комерцијално би се одгледувала во Европа.
Како земја со соседи-членки на ЕУ загрижени сме како ќе ја обезбедиме нашата земја од ширење на ГМО производи. Затоа ја поддржуваме борбата на Европските Зелени против ваквата одлука.
ДОМ ги повикува сите институции на будност и очекуваме Владата да остане доследна на ставот да не се дозволи производство и дистрибуција на ГМО во Македонија, со што ќе се заштити животната средина и здравјето на граѓаните.
Потсетуваме дека по иницијатива на ДОМ и Зелениот Институт општина Могила донесе одлука за прогласување на ГМО слободна општина, со што стана шеста ГМО слободна општина во Република Македонија. Овој одличен пример очекуваме да го следат и останатите општини за што ДОМ и понатаму ќе продолжи да ги поддржува.
Пресот го одржа Маја Морачанин, денеска (петок), 14.02.2014, од 11.30 часот, во централните партиски простории.
Со почит,
Сектор за односи со јавноста на ДОМ