Кристоф Најдовски, француски политичар со македонско потекло е избран од членството на Европа-Екологија-Зелени за нивни кандидат за градоначалник на Париз на изборите закажани за пролетта 2014 година. Тој е голем пријател на ДОМ, беше гостин и учесник на трибината организирана од ДОМ „Зелените искуства од Париз за зелени решенија во Скопје“.
Заменик- градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски е роден и живее во Париз, како припадник на втората генерација на иселеници од Македонија. Неговите родители во Париз дошле во 1968 година од Битола, но врската со родниот крај никогаш не ја прекинале. Кристоф Најдовски е член на Зелената партија на Франција од 1993 година, а од 2001 е во градската власт, прво како советник, кој се залагал во сферата на животната средина, транспортот и превозот и урбанизмот, а потоа и како заменик градоначалник на Париз од 2008 година. Негов сектор на надлежност, како заменик градоначалник се предучилишните установи, нивниот развој и одржување.
Кристоф Најдовски од симпатизерите на Зелените беше избран во вториот круг, кога доби 51,86 проценти од гласовите, пред Жак Буто кој е градоначалник во Вториот париски арондисман со 46,11 проценти од гласовите, откако во првиот круг беа елиминирани шест други кандидати.
Кристоф Најдовски е релативно непознат за пошироката француска јавност, а може да се рече и во Париз, но тој за својата кандидатура ја доби поддршката од министрите Сесил Дуфло и Паскал Канфан и од претседателот на групата на зелените во францускиот горен дом (Сенатот) Жан-Вансан Пласе и заменик-претседателот на француското Национално Собрание Дени Бопан.