ДОМ за заштита од ГМО

ДОМ денеска одржа Конференција на која ја отвори темата за заштита од ГМО. Конференцијата означува почеток на кампањата на ДОМ против ГМО (генетски модифицирани организми), а за заштита на домашните автохтони видови.

Да се донесат соодветни закони и подзаконски акти со кои ќе се заштитат здравјето на луѓето и животната средина од ГМО и генетски модифицирана храна, семе и семенски материјал, да се следи европската законска регулатива, технички и кадровски да зајакнат и да се доопремат надлежните лаборатории во Република Македонија за испитување на ГМО, како и строга контрола на храната, се главните заклучоци од денешната Конференција. „Потрошувачите имаат право да знаат каква храна користат и затоа најмалку што може да се направи е сите прехрамбени продукти во кои се вградени ГМО да носат соодветна ознака декларацијата“, изјави Лилјана Поповска, претседател на ДОМ.

Резултатите од светските истражувања на ГМО се уште се во тек, но постојат индиции дека ГМО се можни причинители на зголемениот процент на разни здравствени нарушувања на населението во светот, па и кај нас – алергии, ендокрини нарушувања, намален имунитет, канцерогени заболувања итн., изјави м-р Ана Угринска, лекар.

Република Македонија е потписник на Картагенскиот договор за заштита на биодиверзитетот и затоа е должна да се грижи за заштита на автохтоните семиња, семенски материјал и сите прехрамбени производи од ГМО, изјави Марија Дирлевска-Чаловска, од одделението за ГМО при МЗЖСПП.

Според постоечкиот Закон за ГМО кој е усогласен со европската регулатива, општините имаат право да прогласат ГМО слободни зони, односно за зони во кои е забрането одгледување на ГМО храна. Во РМ се веќе прогласени 6 такви зони, но ДОМ во текот на својата кампања ќе се залага за зголемување на овој број.

На Конференцијата свои излагања имаа и м-р Стево Темелковски, заменик министер за животна средина и просторно планирање и проф. д-р Благица Сековска, како и преставник од Агенцијата за храна и ветеринарство.