Почитувани зелени пријатели,
Пред се сакаме да Ви честитаме за неверојатната пожртвуваност на сите ваши членови и надчовечките напори кои ги вложивте сите во обидите ова референдумското прашање да го актуелизирате и да го поставите врз вистинската основа, а тоа е правото на здрав и безбеден живот и ослободување на граѓаните на Бугарија, а со тоа и на целиот Балкан, од тесно политичките и финансиските интереси на одредени структури во Република Бугарија и надвор од неа, кои се дел од силното нуклеарно лоби. Вие со вашите ставови и активности го трасиравте патот по кој Бугарија, Балканот и целиот свет треба порешително да зачекори, патот кон одржливиот развој и тоа преку конкретен политички, демократски и граѓански ангажман.
Со особена заинтересираност ги следевме активностите во Бугарија, во врска со референдумот, кој во неделата (27.01.2013) се одржа во вашата земја и бевме загрижени за крајниот резултат од него. Искрено се надевавме дека одговорот на референдумското прашање ќе биде едно големо НЕ за развојот на нукларната енергија и запирање на изградбата на Белене или некоја друга нуклеарна електрана. Од резултатот се гледа вашето тврдење и вистинитост, дека околу ова прашање во Бугарија постои медиумски мрак и дека населението, токму поради тоа, не може да изгради конкретен став што го покажува процентот на излезеност на референдумот. Нас како Зелени секако дополнителна загриженост треба да ни предизвика и високиот процент на поддршка од излезените гласачи на референдумот. Тоа треба да ни биде дополнителен стимул за уште поинтензивна акција. Тоа е наша должност и обврска пред сегашните и идните генерации да ја подигнеме свеста кај населението и кристално јасно да ги објасниме опасностите од нуклеарната енергија и да понудиме одржливи проекти и решенија.
Конечниот резултат според наше видување само привремено ги запре активностите на поддржувачите и лобистите на нуклеарната енергија, бидејќи сега тоа ќе се префрли во институциите во Бугарија, каде се надеваме дека ќе се отвори широка дебата што претставува нова можност да се застане на нивниот пат.
Како едни од основачите на БАН (Балканската антинуклеарна ) Коалиција, ДОМ Ви упатува поддршка, но и подава рака за заедничка платформа за акции и активности, бидејќи ова прашање не е само на граѓаните на Република Бугарија, туку е прашање со кое се загрозува опстанокот и одржливиот економски развој на нашиот регион.
Срдечен зелен поздрав!