Културата е најдобар амбасадор на една земја во светот. Владата на Република Македонија тоа го препозна и во изминатиот период именуваше повеќе амбасадори на културата, но за оваа намена издвојува и повеќе средства од сите досегашни Влади, истакна на денешнатра трибина на ДОМ Лидија Топузовска, претставник на Министерството за култура. Секој поединец, без оглед на професијата кој ја познава културата на својата земја е нејзин амбасадор во светот, истакна Мери Аницин Пејоска, директор на Музејот на Македонија.
Таа смета дека за ефективна и ефикасна меѓународна промоција на македонската култура потребно е да се изгради цврст концепт и стратегија, силен и професионален менаџмент, суштинско активирање на амбасадорите на културата и дипломатските претставништва на земјата во странство и изграден систем на координирано функционирање меѓу ресурсите што се промовираат, амбасадорите на културата и македонските културни центри надвор од земјава.
Духовни траги на нашата култура има секаде во светот, а ние треба да се занимаваме со незаборав на културната вечност – рече на трибината Јордан Плевнеш, амбасадор на УНЕСКО и ректор на универзитетот ЕСРА.
Маја Чаначевиќ, директор на Македонската филхармонија изјави дека културата е скапа работа, а поради големината и комплексноста на институциите кои се занимаваат со музичката уметност тие ретко имаат можност да ја промовираат македонска култура во светот, но секогаш кога сме оделе надвор сме успевале достоинствено да се претставиме. Јана Манева Чуповска, академски сликар, доцент на Европскиот универзитет, даде конкретни предлози за збогатување на културниот живот.Таа смета дека уметноста не може својот извор на финансирање да го базира само на буџетските средства, туку треба да се сврти и кон приватните спонзорства, за што тие би добиле даночни олеснувања.
За подобро презентирање на културата потребна е надградба во образовниот систем и обука на кадри за менаџирање во културата.Учесниците истакнаа дека треба да се следат и ефектите од досега преземените активности за да се приспособи натамошната промоција на македонската култура, треба да се отворат и нови дестинации за промоција, како далекуисточните земји, Јужна Америка и сл., а единствен критериум за промоција треба да биде квалитетот и конкурентноста на глобалниот културен пазар. Само со автентични и автохтони културни производи Република Македонија може достојно и препознатливо да се промовира во светот, или како што во своето поздравно писмо до трибината напиша Милчо Манчевски, наш амбасадор на културата во САД: „Тука мора да се биде бескомпромисен и да се инсистира на квалитетно дело, а не да се поддржува и фали дело само затоа што е од наше маало. Овој пристап подразбира инсистирање на космополитски категории, на врвна естетика и на врвна филозофија во уметничкото дело.
Татковината се брани со квалитет, а не со пропаганда“.Ова беа акцентите од трибината ”Имаме ли концепт за меѓународна промоција на македонската култура”, што вчера ја организираше ДОМ – Демократска обнова на Македонија, во Клубот на пратеници, а ја модерираше Ѓорѓи Јолевски, актер, претседател на Комисијата за култура на ДОМ.