Правото да бираш и да бидеш биран е уставно загарантирано

Сакам да апелирам до сите институции политички партии и поединци да го овозможат демократското право за собирање на потписи за претседател, градоначалници и советнички листи за претстојните претседателски и локални избори. Тоа е уставно загарантирано право и нема право никој да го попречува. Такви случаи во Македонија имавме при собирањето потписи за референдумот за новата територијална поделба и тоа не смее да ни се случи повторно.

Како пратеник и како претседател на собраниската комисија за еднакви можности сакам да го поздравам поднесувањето кандидатура на две жени, Мируше Хоџа и Слаѓана Тасева. Тоа покажува дека демократската свест во Македонија оди напред, но треба да овозможиме тоа докрај да биде реализирано, бидејќи правото да бираш и да бидеш избран е уставно загарантирано право. И затоа денешниот апел е токму во насока да се овозможи реализирањето на овој процес, било тоа да е за претседател, како што е случајот со г-ѓа Тасева, градоначалник или советници.

Одговорноста треба да се бара од сите чинители, не само од власта туку и од политичките партии, а особено поголемите. Сметаме дека треба секому да му се даде право на можност за учество во изборната трка, а дали тој ќе биде избран е суверено право на гласачите.

ДОМ за локалните избори доби конкретна понуда од ВМРО-ДПМНЕ, која Извршниот одбор на ДОМ ја разгледа и овие денови ќе донесеме конечна одлука дали ќе одиме во коалиција, делумна коалиција или сосема самостојно. Разговорите продолжуваат до донесувањето конечна одлука.

Скопје, 02.02.2009

Извадоци од изјавата на г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на ДОМ, дадена во Собранието на Република Македонија на 02.02.2009

Центар за информации и комуникции на ДОМ