Комисијата за туризам на ДОМ, ВСД Енерџи Скопје и ДПС Трансверзалец, полека го пробиваат „Сончевиот Круг“ во јавноста. Се повеќе субјекти се заинтересирани за обезбедување услови за негова реализација. Пред 2 месеца ЈП Јасен Скопје, го препозна проектот и таму се одржа велосипедскиот маратон Јасен 2008. Раководните лица на Националниот Парк Галичица, потстрекнати од можностите за развој на овој спорт и се разбира и како можност за збогатување на туристичката понуда се обратија за помош во подготовка и реализација на патека за планински велосипедизам и тоа ќе вроди со плод со официјално отварање на планинска велосипедска патека на 29.06.2008 г.
Патеката е веќе трасирана од членовите на Енерџи и обележана со соодветни патокази од вработените во НП Галичица и е дел од повеќето планирани патеки кои треба да ги има во овој прекрасен национален парк. За почетокот подготвена е патека од Студенчишча до месноста наречена Два Јавора на 1050мнв. со должина од 55км, а понатамошните активност ќе продолжат додека не се заокружи целиoт парк за планински велосипедизам кој го имаат предвидено од НП Галичица Потегот од с. Велестово до превојот се вози по макадам пат, во должина од околу 9 км., кој нуди прекрасен поглед кон Охридското Езеро. По пристигнувањето на превојот се отвара глетка кон прекрасно поле покриено со трева и разнобојни планински цвеќиња. Самата патека продолжува по полето, змиулесто поминува меѓу ритчињата и со секој изминат километар изненадува со новоотворените видици. Возењето по тревната покривка му дава една нова и несекојдневна димензија на Планинскиот велосипедизам. Велосипедите ќе запловат по тревнатиот тепих. Тука порано имало пат, но природата си ја покажала моќта за обновување, а истото ќе се случи и со трагите од велосипедите кои ќе ги остават тие во недела. За скоро време тепихот ќе се обнови. Оваа патека може да ја извози секој возач на планински велосипедизам со средно ниво на физичка подготвеност, но сепак, препорачуваме внимателно возење, особено при враќањето. Ако сакате да го гледате Езерото, ЗАСТАНЕТЕ!!! Уживајте во глетката. НЕ ПРАВЕТЕ ГО ТОА ДОДЕКА ВОЗИТЕ НАДОЛУ!!!