Програмски цели на МОДОМ

ПРОГРАМСКИ ЦЕЛИ НАМЛАДИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДЕМОКРАТСКАТА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА

Младите на ДОМ силно застануваат зад развојот, примената и спроведувањето на политиките на зелената опција.Индустрискиот развој во изминатиот век тешко го повреди нашето живеалиште – планетата Земја. Светот и Македонија во него веќе се справуваат со проблеми како што се: климатските промени, загрозување на водните ресурси, недостиг на храна и енергија, како и нарушената социо-економска состојба на населението. Од друга страна, глобализацијата ги брише спецификите на одделните културни идентитети. На сето ова треба да му се стави крај.На Република Македонија повеќе од кога и да е, потребен и е одржлив развој, кој ќе понуди поинаков начин на дејствување и размислување од досега постоечкиот, кој во себе ќе ги вклучи почитувањето на човековите права, надградба, заштита и одговорност за животната средина, демократијата, различностите, ненасилството.Време е на Македонија да и понудиме нова интегрирана опција.

Човекови права

Македонија е мала земја по површина и со ограничени човечки ресурси. Нам секоја индивидуа ни е вредна и не можеме да си дозволиме да се откажеме од некого, бидејќи тоа значи дека сме се откажале од неговиот придонес, знаење и вештини во развојот на нашата земја. Затоа треба:-да го стимулираме развојот на секоја индивидуа- да се овозможи право на социјална и здравствена заштита на секое лице- да се почитува сопствената волја и начин на живот- да се стимулира институционална поддршка на маргинализираните лица- институциите на државата, да вложат повеќе напори и да спроведат повеќе политики за укинување на визниот режим, кој го загрозува едно од најважните човекови права – слободното движење. Ние повикуваме “ Визата да не ни ја руши визијата!”

Животна средина

Во Република Македонија загрижувачка е состојбата со животната средина. Нашите градови се затрупани со купишта смет. Сообраќајниот метеж го нарушува нормалното живеење. Водните ресурси ни се незаштитени и загадени. Почвата која не храни изобилува со супстанции опасни по здравјето на луѓето. Нашите шуми горат. Тоа не е сликата која сакаме да ја гледаме во нашата Македонија. Ние сакаме Македонија која ќе воодушевува со својата убавина и која ќе не храни нас и нашите сограѓани од планетата Земја.Затоа: 

  • ќе продолжиме со активности и спроведување политики за промена на свеста на населението
  • ќе иницираме проекти кои се во насока на заштитата, зачувувањето и надградбата на животната средина,
  • ќе иницираме законски и подзаконски акти кои се во функција на заштита на животната средина и здравјето на населението
  • ќе ја поддржуваме секоја институционална, вонинституционална или индивидуална идеја која ке нуди решенија и надминување на еколошките проблеми. 

Демократија

Реализирањето на демократијата, во нејзиното основно значење – владеење на народот – е еден од постулатите на кои се темели политичкото дејствување на ДОМ, а со тоа и на младинската организација.Учесници во демократските процеси се и треба да бидат сите граѓани на Република Македонија. Демократијата не е само денот на изборите, туку и граѓанската вклученост во донесувањето на одлуки од државен и локален интерес и транспарентниот проток на информации на сите нивоа. Подобрувањето на демократијата сама по себе ни ги отвора патиштата за наша поширока соработка и приближување кон ЕУ и ни овозможува македонското општество да биде третирано како сериозен партнер. Затоа:

  • ќе настојуваме сите граѓани да имаат право да го изразат своето мислење и да им се овозможи дирекно учество во донесувањето одлуки,
  • неопходна е одговорност и отчетност на сите политички чинители,
  • Поддршка на политичкото здружување врз демократски принципи,
  • Поголема вклученост на младите во демократските процеси.

Различности

Територијата на Република Македонија од памтивек претставувала крстосница каде се спојувале природните, народносните, културните и цивилизациските вредности. Сето тоа довело Македонија да стане богата и од неа да се шират цивилизациски и културни придобивки кои светот широкоградо ги прифатил. Почитувањето и признавањето на различностите не му е туѓо на овој простор, туку тоа е вградено длабоко во нас. Сепак политичките и економските случувања во регионот, доведоа тоа богатство од различности да ни се раслојува и дезинтегрира. Ние тоа не можеме да го прифатиме и цврсто застануваме:- во одбрана и унапредување на правата од културните, јазичните, етничките, религиозните и сите другиразличности,- остро ќе застанеме против дискриминацијата и социјалната исклученост, – ќе промовираме изградба на позитивен и одговорен пристап во градењето на социјална и духовна благосостојба, со почит и толеранција кон секого, за што ќе бидат користени институциите на системот и образовно-воспитниот процес.

Ненасилтво

Соочени сме со бран на насилства во различни форми кои имаат негативни импликации врз луѓето, животната средина, културите и економиите. 
МОДОМ се стреми кон создавање на култура на мир и меѓусебно разбирање. Тоа ќе го постигнеме преку посебни акциони планови и проекти насочени кон промовирање на вредностите, ставовите и начинот на однесување во чија основа се наоѓа мирното решавање на конфликтите и нивната превенција. Ќе го победиме насилството преку:

  • мотивирање на младите луѓе да преземат позитивна акција со цел да ги направиме нашите заедници побезбедни и поздрави
  • пренасочување на насилното однесување во плодна и продуктивна енергија која ќе создава наместо да уништува и разделува,
  • промовирање на процес на поврзување и соработка за постигнување на целите од заеднички интерес,
  • почитување на сите форми на живот.

Убедени сме дека нашите заеднички заложби и искрена верба во Зелената идеологија ќе вродат со плод во најблиска иднина. Плодот кој го нудиме треба да биде одгледан со знаење и заедничка работа. Зеленото е зрело!