ДОМ упати писмо за поддршка и за вклучување во Зелената Коалиција формирана поради состојбите со загадувањето од Топилницата во Велес. ДОМ е загрижен за последните случувања поврзани со продажбата на Топилницата и се солидаризира со граѓаните на Велес. Сметаме дека постои јасна законска регулатива која мора да се почитува за да се обезбеди Велес да биде здраво место за живеење.
Според постојните законски процедури неопходно е да се почитува и мислењето на граѓаните, односно дека не може и не смее никој да стори нешто против волјата на велешани. Ги повикуваме надлежните за имотот на Топилницата да водат сметка за здравјето на велешани, за животната средина во Велес и целиот Повардарски регион. Заедно со Зелената коалиција будно ќе го следиме процесот и ќе инсистираме сите преземени активности да бидат во склад со пропишаната законска регулатива без и најмалку сомнеж за нерегуларности.
Потсетуваме дека сите ја носиме обврската за колективна општествена одговорност.Сметаме дека во изминатите децении, Топилницата им нанесе премногу неволји на Велешани, претварајќи го овој град во македонски Чернобил, каде здравјето на луѓето беше маргинализирано.
ДОМ е убеден дека Владата на Република Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и сите други надлежни институции нема да дозволат нова агонија во Велес и нарушување на здравјето на неговите граѓани.
Скопје, 22.06. 2008 г