ДОМ: 1,13 милијарди евра за увоз на храна, а нивите пусти!

kolku e nezavisna drzhava shto ne mozhe samostoјno da gi prehrani svoite graѓani website

Држава што не може самостојно да ги прехрани своите граѓани ја губи својата суштинска независност. Додека обработливото земјиште се топи – намалено за една четвртина за 35 години (од 664.000 на 504.000 хектари) – увозот на земјоделски и прехранбени производи лани достигна енормни 1,13 милијарди евра, што е речиси двојно повеќе од извозот (564 милиони евра). Истовремено, реалната вредност на домашното производство едвај и да се зголемила за 4,1 отсто во однос на 1992 година.

Симболот на македонското земјоделство, тетовскиот грав, е најдобар доказ за ваквиот колапс: приносите што некогаш достигнувале околу 120 килограми по декар, денес се сведени на едвај 10 до 20 килограми. Дополнително, системот за наводнување во Теарце, наменет за околу 150 земјоделци, иако е изграден, сè уште е заглавен во административни лавиринти и не е ставен во функција. Проблемот повеќе не е само во условите за работа, туку во институционалната неспособност јавните инвестиции да стигнат до оние за кои се наменети.

ДОМ бара итна промена на пристапот и долгорочна стратегија за прехранбена сигурност преку:

• строга заштита на плодното земјоделско земјиште од пренамена и уништување;

• директна поддршка за малите и семејните земјоделски стопанства;

• субвенции поврзани исклучиво со реално производство и мерливи резултати;

• итни инвестиции во наводнување, складирање, преработка и организиран пласман;

• јасна стратегија за климатска отпорност и поттикнување на локалната потрошувачка.

Храната не е обична стока што секогаш можеме да ја купиме однадвор. Држава што го запоставува сопственото производство станува ранлива на туѓи пазари и кризи. Затоа, земјоделството мора да биде стратешки приоритет, а не само формалност и статистика!