ДОМ: Дата-центрите не се прашање на повлекување, туку на јасни правила 

data czentrite ne se prashaњe na povlekuvaњe tuku na јasni pravila

По денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата нема да се повлече од иницијативите за изградба на дата-центри, ДОМ повторува дека дебатата не треба да се сведува на прашањето дали државата ќе се откаже од технолошкиот развој.

Токму затоа ДОМ ја отвори темата и на европско ниво, преку предлог-резолуцијата за регулиран развој на дата-центрите, која е избрана меѓу четирите теми за резолуции на претстојниот Конгрес на Европската зелена партија во Варшава. 

Никој не е против дигитализација и развој на вештачката интелигенција. Прашањето е под какви услови ќе се развива оваа инфраструктура и кој ќе ги утврди тие услови. И затоа токму сега е моментот да се воспостават правилата под кои ќе се градат дата-центрите и ваквата инфраструктура, со вклучување на јавноста и сите засегнати страни.

Не е доволно да се каже дека процесот е „неповратен“ или дека Владата нема да се повлече. Потребно е однапред да бидат воспоставени и јасно познати условите и критериумите под кои ќе се развива идниот развој на земјата. И најважно, да биде јасно дефинирано кој ќе ја сноси одговорноста доколку се појават негативни последици. 

Особено е важно развојот на дата-центрите да не се претвори во натпревар за привлекување инвестиции во кој државата однапред ги прифаќа условите на инвеститорите, а јавниот интерес се разгледува дополнително. 

ДОМ смета дека технолошкиот развој и заштитата на природните ресурси не се спротивставени цели. Напротив, современа држава е онаа што знае да постави правила со кои ќе овозможи инвестиции, но истовремено ќе ги заштити енергетската и водната сигурност, животната средина и локалните заедници.

На Македонија ѝ треба технолошки развој, но не по секоја цена – туку со јасни правила.