
Додека Владата продолжува со постапката за избор на изведувач за санација и чистење на малата депонија со изомери на НСН во поранешната фабрика ОХИС, во непосредна близина на двете постојни депонии се врши реконструкција на два објекта – поранешната Управна зграда и Лабораторијата, со намена за хотел и болница.Објектите се наоѓаат на локацијата на поранешната фабрика „Билјана“, на оддалеченост од околу 60 метри од депониите.
ДОМ отвора прашање дали надлежните институции се информирани за реконструкцијата што се одвива во непосредна близина на таканаречените „жешки точки“ од поранешното производство во ОХИС и дали се преземени сите потребни мерки за заштита на луѓето и животната средина. Станува збор за простор со изложеност на големи загадувања и присуство на опасни материи. Затоа, секоја активност во непосредна близина на овие локации мора да биде проследена со соодветна институционална контрола, проценка на ризик и почитување на сите пропишани мерки за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
ДОМ бара од Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Кисела Вода јавно да одговорат:
• Дали се информирани за реконструкцијата на овие два објекта?
• Дали е направена проценка на ризик со оглед на нивната непосредна близина до депониите?
• Дали се утврдени и спроведени мерки за заштита на работниците ангажирани на реконструкцијата?
• Дали се проценети ризиците за идните корисници на објектите и за околното население?• Дали се извршени сите потребни инспекциски и други контроли пред и за време на реконструкцијата?
Одговорноста за следење и преземање мерки во однос на состојбите на т.н. „жешки точки“ е во надлежност на МЖСПП, додека Општина Кисела Вода има надлежности во делот на локалната контрола и активностите на својата територија.Не е доволно институциите да кажат кој и кога ќе ја чисти депонијата. Потребно е да одговорат и што се случува со просторот околу неа додека санацијата сè уште не е завршена.
ДОМ бара транспарентност и јасни одговори за тоа дали активностите што се одвиваат во непосредна близина на „жешките точки“ се безбедни и дали се преземени сите мерки за заштита на луѓето и животната средина.



