ДОМ: Пред било какви законски измени за дата центрите потребна е целосна транспарентност и јавна дебата

dom zname

Најавите на Владата за подготовка на нова законска рамка за изградба на дата центри отвораат сериозни прашања поврзани со енергетската политика, користењето на природните ресурси и долгорочниот јавен интерес.

ДОМ смета дека пред да се пристапи кон измени на законите и создавање поволности за нови инвестиции јавноста има право да добие јасни одговори за ефектите што овие проекти ќе ги имаат врз енергетскиот систем, животната средина и локалните заедници.

Особено важно е да се разјасни:

• Колкави ќе бидат потребите од електрична енергија на планираните дата центри?

• Дали постојната енергетска инфраструктура може да ги поддржи овие капацитети без дополнителен притисок врз граѓаните и стопанството?

• Колкава ќе биде потрошувачката на вода и какво ќе биде влијанието врз локалните ресурси?

• Дали ќе се спроведуваат задолжителни оценки за влијанието врз животната средина и јавни консултации со засегнатите заедници?

• Какви економски придобивки ќе има државата и колку трајни работни места ќе бидат создадени?


ДОМ потсетува дека Македонија сè уште се соочува со сериозни предизвици во енергетската транзиција, енергетската ефикасност и можностите за приклучување на нови капацитети од обновливи извори на енергија. Затоа секоја нова политика во оваа област мора да биде внимателно анализирана и да се темели на факти, а не на брзи законски измени донесени без широка јавна расправа и во интерес на приватни инвеститори.

Ги повикуваме Владата и надлежните институции да ги објават сите релевантни анализи и критериуми врз основа на кои ќе се креира новата регулатива и да обезбедат инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени експертската јавност, граѓанските организации и локалните заедници.


Технолошкиот развој мора да оди рака под рака со заштитата на јавниот интерес, енергетската одржливост и животната средина.