СООПШТЕНИЕ (ФОТО+ВИДEО) Коалицијата за зелена иднина ги претстави кандидатските листи 

Прес конференција – Коалиција за зелена иднина

25.09.2025 12:00

Един Јакуповиќ, претседател на Движењето за демократија, права и слобода (ДПС)

Зелената партија ДОМ и ДПС – Движењето за демократија, права и слобода официјално ги претставува кандидатските листи на „Коалицијата за зелена иднина“ за претстојните локални избори. ДОМ ја гради оваа коалиција рамо до рамо со ДПС и со локални активисти и граѓански иницијативи ширум државата. Нашите листи ќе се натпреваруваат во 12 општини: Град Скопје, Центар, Карпош, Куманово, Битола, Ранковце, Охрид, Штип, Демир Капија, Дојран, Дебар и Маврово-Ростуше. Оваа одлука за коалиција не е партиска манипулација, туку политички завет: завет за здрава животна средина, чесност, граѓанска партиципација и грижа за ранливите – тоа ќе биде сржта на нашата коалициска платформа.

Александар Анѓушев, ко-претседател на ДОМ и носител на листата за Совет на општина Карпош:

Зелената партија ДОМ и ДПС – Движењето за демократија, права и слобода официјално ги претставуваат кандидатските листи на „Коалицијата за зелена иднина“ за претстојните локални избори. Оваа коалиција е одговор на празнината што ја оставија класичните партиски монополи. Нашата платформа се темели на јасни приоритети: Заштита на природата, транспарентност на одлучувањето, интегритет во администрацијата и вистинска грижа за оние што најмногу страдаат. Влегуваме во кампања со кандидати и кандидатки кои знаат да донесуваат одлуки – не само да добиваат места. Во Карпош ќе понудиме конкретни решенија за чист воздух, одржлив урбан развој, унапредување на детската заштита и ослободување на јавните простори – не реторика, туку план и календар на работа.

А со особена гордост го истакнувам историскиот избор на листата за Град Скопје: за прв пат една личност со попреченост, Ана Карајанова-Димитрушева, ќе ја предводи листата за советнички места. Таа не е симболична фигура, туку гарант дека во Советот ќе влезе вистински застапник за правата на ранливите. Ние сме длабоко уверени дека таа ќе биде избрана и ќе работи како глас за илјадниците граѓани чии проблеми долго беа системски игнорирани. Уште одамна кажавме дека оваа коалиција е отворена за независните активисти и тоа го покажуваме на дело – ние ја споделуваме нивната енергија и им даваме политичко искуство.

Ана Карајанова – Димитрушева , претседателка на здружение и носителка на листа за Совет на Град Скопје (претставничка на предлог од ДПС):

Упатувам благодарност до Коалицијата за зелена иднина што го препознаа мојот потенцијал и ми понудија можност да бидам носител на листата за советници за Град Скопје на претстојните локални избори.

Ја прифаќам оваа чест како обврска пред луѓето со попреченост, пред лицата со посебни потреби и нивните семејства и пред сите оние кои секојдневно се соочуваат со бариери во нашето општество. 

Моето учество јасно кажува дека политиката може и мора да се отвори за оние кои порано беа отфрлени и оставени надвор од системот. Ги носам искуствата од невладиниот сектор во суштинските дебати за основните човекови права: пристапност во јавните простори и јавни институции, грижа во здравството, подобра социјална заштита на локално ниво и решавање на реалните проблеми на семејствата на пациентите и најранливите. 

ДПС ја поддржува оваа коалиција затоа што Правата и достоинството не се предмет на партиски калкулации. Нашата порака не е само за лицата со попреченост, ние зборуваме за сите ранливи и маргинализирани категории, за етничките заедници, за сиромашните, за сите они кои поради развојот на попреченостите во политиката се исклучени од јавниот живот. 

Ја поздравуваме соработката со локалните активисти кои со години се бореа за чист воздух, за парковите, за зеленилата, за спречувањето на дивите депонии. Ние не ветуваме само зборови – нудиме планови за пристапни улици, школски системи подготвени за сите деца и систем за поддршка што ги штити најранливите. Сигурни сме дека нашата листа во Град Скопје ќе донесе практични промени: од уредување на јавниот превоз до инклузивни услуги во општинските домови.

Рамадан Рустемов,  носител на листа за Совет на општина Битола (претставник на ДПС)

Јас доаѓам од Битола, град со долгогодишна културна и историска традиција, но и град кој одамна заслужува фер и чесна локална власт. Како Ром и како граѓанин на овој град, секогаш сум се борел за еднаквост во секојдневниот живот. Нашата заедница често се соочува со предизвици во образованието, во здравството, во пристапот до работни места и до јавни услуги. Оваа коалиција за мене  е гаранција дека мојот народ конечно ќе има глас во Советот и ќе биде слушнат кога зборува за проблемите што со години се игнорирани.

Денеска, кога зборуваме за зелена иднина, ние не зборуваме само за паркови и чист воздух – зборуваме за достоинствен живот. За маала што нема да бидат оставени на маргините, за училишта во кои децата ќе имаат еднакви услови, за град во кој јавните простори ќе бидат достапни за сите. Нашата борба не е борба само за Ромите, туку за сите граѓани на Битола кои сакаат чесна, правична и еколошка власт. Со оваа коалиција, ние ја отвораме вратата за промена која ги обединува различностите околу една заедничка цел – зелена, достоинствена и праведна иднина.

Ана Угринска, ко-претседателка на ДОМ и второ место на листата за Совет на Град Скопје

Ние сме друг вид политичка сила. Ја отфрливме логиката на партиски клиентелизам; а не сакаме да бидеме ниту само активисти без политичка изведба. ДОМ и ДПС ги соединуваат најдобрите карактеристики: близина до граѓаните и искуство во управувањето. Нашата програма ги вклучува сите теми што ги наведовме: од управување со отпад и енергетска транзиција до дигитализација на општинските процеси и активно вклучување на младите и жените.

Заедно со нашите кандидати и кандидатки нудиме конкретни мерки: транспарентни јавни буџети, локални планови за енергетска ефикасност, стандарди за пристапност, механизми за вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки и социјални програми за ранливите. Во секоја од 12-те општини, ние ќе влеземе со барем еден советник што ќе го бранат интересот на граѓаните и граѓанките – ова не е оптимистичка реторика, туку целосно реална и планирана стратегија.

Порака до гласачите: На овие локални избори ви го нудиме тоа што другите не можат да го спојат: етичка политика, реални и одржливи решенија и вистинска грижа за природата и луѓето. Ги повикуваме и сите оние гласачи кои се неопределени да ни се придружат и преку Коалицијата за зелена иднина да станат дел од одлучувачките процеси и ние ќе работиме секој ден за да го оправдаме секој даден глас. Коалицијата за зелена иднина е повик за солидарност, за правда и за конкретна промена на локално ниво.

Ве повикуваме да ни се придружите заедно да ја градиме општинската власт како место на доверба, одговорност и зелена променa. За зелена иднина. Благодарам.