
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изразува целосна поддршка на граѓанската иницијатива за заштита на планината Кожуф од изградба на мали хидроелектрани и се солидаризира со активистите и здруженијата кои денес го формираат живиот штит и организираат блокади за да ја спасат планината од еколошка деградација.
И покрај претходните ветувања од институциите и политичките партии и покрај јавниот отпор уште во 2023 година, денес гледаме повторно активирање на концесии и дозволи за проекти што се во директен судир со интересите на локалната заедница и јавниот интерес.
Планината Кожуф претставува едно од ретките природни богатства со сочуван биодиверзитет, извори на чиста вода и воздух и огромен потенцијал за еколошки туризам и одржлив развој. Наместо да се уништува за краткорочни економски интереси, таа заслужува внимателна и долгорочна заштита. Затоа, ДОМ го поддржува повикот за итно повлекување на спорните дозволи за градба, прекин на сите активности за изградба на мали хидроелектрани на Дошница, како и за започнување институционална постапка за прогласување на Кожуф за Национален парк
Како партија со јасна зелена агенда, ДОМ отсекогаш стоела на страната на природата, локалните заедници и еколошките вредности. А денес, стоиме заедно со граѓаните кои одлучија да не молчат. Затоа што борбата за Кожуф е симбол на тоа дали имаме држава која ги штити своите природни богатства или ја продава иднината за нечии приватни интереси.



