
Во Европскиот парламент е во тек процесот на усвојување на извештајот за напредокот на Северна Македонија во приближувањето кон Европската Унија. Овој извештај, кој треба да биде усвоен во наредниот период, содржи јасни формулации за признавање на македонскиот јазик и идентитет на четири места . По историската одлука на германскиот Бундестаг од 15 јуни 2023 година, повторно на иницијатива на зелените партии, Европскиот парламент се очекува да стане второто законодавно тело во Европа што ќе го признае македонскиот јазик.
Во овој извештај, преку повеќе амандмани, јасно се нагласува признавањето на македонскиот јазик и идентитет – значајна порака за македонските граѓани и институции, но и за земјите-членки на ЕУ. Амандманите се предложени од специјалниот известувач на Европскиот парламент за С. Македонија и европратеник Томас Вајц, член на австриската Зелена партија, која е дел од коалицијата со Европската слободна алијанса (EFA), заедно со поддршка од други европратеници. Овие предлози се резултат на неговото активно ангажирање и лобирање во изминатиот период, вклучително и во координација со претставници од македонска страна.
Состанокот на Комисијата за надворешни прашања (AFET), на кој се очекува да се разгледува извештајот, е закажан за почетокот на јуни . Овој извештај претставува значајно охрабрување и позитивен сигнал во делот на евроинтеграциските процеси на нашата земја.



