ДОМ: ЗАКОН ЗА ГРАДЕЊЕ ПО МЕРКА НА ГРАЃАНИТЕ 

Соопштение до јавноста и надлежните институции

zakon za gradba po merka na graѓanite

ДОМ со загриженост го следиме начинот на решавање на предизвиците во областа на градежништвото. Неодамнешното укинување на членот 62-а од Законот за градење може да послужи како пример зошто е важно да се пристапи кон системски реформи, наместо кон парцијални интервенции.

Членот 62-а имаше за цел да им овозможи на граѓаните да го изразат своето мислење во врска со нови градби кои можат да влијаат на нивниот живот и имот. Неговото укинување отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина. Веруваме дека за стабилен и праведен развој на градежништвото, потребни се темелни и долгорочни решенија, вградени во сеопфатни законски рамки. Свесни сме дека постојат подготвени нацрт-текстови за нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство, кои нудат можност за создавање на таква рамка.

Апелираме до Владата и Собранието: 

* Да го преиспитаат пристапот на парцијални измени и да се фокусираат на донесување на нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство на здрава основа, користејќи ги како појдовна точка веќе постоечките нацрт-текстови. 

* Да обезбедат транспарентен и инклузивен процес на подготовка и донесување на овие закони, со цел да се создаде правна рамка која ќе ги штити правата на граѓаните, ќе обезбеди одржлив развој и ќе ја унапреди правната сигурност во областа на градежништвото. 

* Во рамките на новите законски решенија, да се обезбедат механизми за заштита на правата на граѓаните во однос на влијанието на новоградбите.

Веруваме дека преку заеднички напори и фокусирање на системски решенија, можеме да создадеме подобро законско опкружување за сите.