Критичната маса е имуниот систем на општеството

martin karovski
Колумна на Мартин Каровски, член на ИО на ДОМ

Секогаш пред подолг пат, задолжително правам генерална проверка на колата. Во генералната проверка влегува и притисокот на гумите.

Заминав на бензинска пумпа и таму имаше некој повозрасен човек кој ги пумпаше гумите. Зад него имаше кола која чуваше ред без возач, па јас бев трет во редот. Две-три минути во моето чекање дојде четврта кола, чиј возач одлучи дека има приоритет и дека редот не важи. Таман да излезам и да протестирам, од левата страна ме обиколи мотоцикл, кој на истиот принцип реши дека ќе биде втор во редот.

Така, од втор на ред, станав петти.

Се свртев и си заминав без протест.

На неделно ниво најмалку трипати некој некаде ми го зема редот, без око да му трепне за тоа што јас или другите ќе помислиме за него или неа.

Освен редокрадци, имаме и паркингкрадци. Овие вторите, се решени да ,,украдат” бесплатен паркинг. Најчесто на тротоар или пред нечија врата.

Една таква редовна пред мојата врата, ја видов на коментар на вест за избор на нов функционер.

,, – Компетентност! Стручност! Одговорност! Харизма!..” – напишано на латиница и со лоша граматика.

Таа нејзината ,,моќ” да го крши законот ја црпи од делење комплименти кај партиските функционери во штабот.

Еден гастарбајтер, пак, на 50-60 години, гледајќи ме во очи, ја фрли чашата од кафето преку мостот во реката.

Инаетот за примитивизам е поголем од било која друга карактерна особина.

И сега, верувам, на повеќето кои читате, ви е преку глава од ваквите.

Сите многу добро го знаеме ваквиот тип малцинство во нашето општество, кој како термит ни го јаде заедничкиот чамец, ама сите вие останати од пуста култура и воспитување им го дозволувате тоа.

Која од двете групи е крива? Вторите!

Зошто?

Затоа што секое општество, секоја средина, без разлика колку интелектуална е, ги има првите ,,ситни” кршачи на правилата и редот.

Тие се луѓето без долна граница на пристојно однесување. Нивната непристојност нема дно, тие се спремни со својот лик и со своето име и презиме да бидат дрски со редицата или јавно да бидат на колена пред новата директорка, само затоа што во нивното опортунистичко размислување, гледаат прилика за ,,ќарени” 3 минути или ,ќарена” симпатија од функционерот.

Другите се небитни во нивниот фокус.

Од оваа група на луѓе не можеме да очекуваме да биде критична, да го набљудува функционерот, редот во маркет, редот во паркингот и во парковите со објективни очи.

Тревата е зелена ако директорот е наш. Ако е друг, истата трева не чини.

Корупција има само кога другите се на власт.

Но, оние од другата, воспитана, група, се вистинските виновници за оваа состојба.

Тие знаат што е исправно, коректно и во ред, но мислењето си го задржуваат за себе. Зошто?! За да не си направите кавга во сред маркет? Има да ја има! Ако не си спремен да спречиш некого да те направи, простете ми на изразот, будала, како очекуваш некој што има реална моќ да те направи будала, да не го стори тоа?

Како очекуваш оној што се грижи за хигиената на обувките на функционерот, кога ќе добие и најмала позиција на некакво влијание, да ги крши правилата помалку од сега?

Како очекуваш да не те краде функционерот, ако дозволуваш да те краде келнерот?

Правилата се поставуваат на нула. Или дозволуваш нулата да биде помината или не.

Низ животот запознав стотици луѓе кои имаат принципи, сакаат ред, поредок и закон, мразат корупција, штабска хиерархија и самоволие. Мразат митаџии и врскари.

НО, најголемиот дел од нив, не сакаат ни да чујат да се борат за она во што веруваат. Попрво би се откажале од излегување на избори, од следење на дневни настани, па дури би се откажале и од животот овде, но борбата со трулоста не е на список.

Морате пристојноста и воздржаноста на момент да ја оставите на страна кога пред вас ќе застане припадник на убедливо малцинската група, која не сака напредок, ред и поредок, затоа што вака е подобро за нив. Тие паразитираат на вашата пристојност, која не сакате да ја ризикувате на бензинска, во маркет или кога ве крадат на избори.

Нашето општество не е климаво заради малцинството кое ужива во нередот, туку затоа што критичната маса, имуниот систем, леукоцитите, не сакаат да влегуваат во судир со бактерии и вируси.

Мораме!

Мораме за себе, за нашите деца, а и за нашите родители, кои еден ден кога ќе завршат во болница, нема да добијат соодветен третман баш од паразитарите, на кои илјадници пати сте им премолчеле низ животот, па сега тие ги поставуваат правилата.

Право да критикува има само оној што е подготвен да земе иницијатива.

Може да очекуваш од мене да барам ред на каса, но и јас очекувам од тебе да ме поддржиш кога ќе дојде до кавга.

Можеш да очекуваш некој да го смени изборниот модел во поправичен, но треба и гласно да го поддржиш кога ќе дојде на ред битката за тоа.

Критичната маса никаде во светот не е маса која критикува, туку е маса која презема иницијатива и не дозволува интриги.

Зошто дозволувате да мислат дека ве надмудруваат примитивци?

Покажете заби, карактер и став! Секаде, од компресор на бензинска до Законодавен дом. Ако нема ред на писките, ќе немаме ни зад воланот!

Кинеската филозофија вели дека балансот сам ќе се воспостави.

Па, така, кога ќе премолчите несоодветно вработување на комшивчето во здравство, на пример, тој данок ќе ви стои на ,,конто” додека еден ден не го платите со вашето здравје или здравјето на најблиските, во некоја друга болница во некој друг град.

Правилата на балансирање се многу едноставни и контратежата е во ваши раце.

А, меѓу другото, мора да ни биде јасно:

Општество без критична маса е организам без имун систем.

А кој сака да биде клетка во организам кој не се брани од бактерии и вируси кои го убиваат полека секојдневно?