
Колумна на Александар Пандиловски, претседател на МОДОМ
Пристигнавме во времето кога стана модерно да си екологист. Поттикнати од зелениот европски тренд кој дојде и кај нас почнавме да размислуваме зелено. Одеднаш сите станаа екологисти, сите се заинтересираа за акциите за чистење, на големо почна да се зборува за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Но дали сите навистина се толку засегнати за заштитата на животната средина и климата?
Започнувајки од нашето секојдневие, по излегувањето од нашите домови, гледаме ѓубре расфрлано на сите страни, зеленило скоро па никаде, градежна експанзија насекаде, секогаш негде нешто запалено со неподнослив чад и мирис околу нас, во повеќето денови од годината со загаден воздух.
Повеќе од јасно ни е на сите дека постојат несовесни граѓани кои фрлаат отпадоци на несоодветни места, но од друга страна очигледно е и оштетувањето на контејнерите и кантите за отпадоци што во повеќето случаи е намерно предизвикано. Логично се наметнува прашањето: како на толку голем број декларирани (главно на социјалните мрежи) еколози, реалната слика е далеку од чиста животна средина?
Но, одговорноста за состојбата не може да се префрла на граѓаните. Се’ додека надлежните институции и на државно и на локално ниво, не започнат одговорно да си ја вршат работата, состојбата нема да се подобри, а институциите во повеќето случаи затајуваат. Кај нас се е законски регулирано, но за жал само на хартија, изостанува спроведувањето на законите. Имаме и стручни одговорни кадри кои несебично и искрено за залагаат за решение на овие проблеми, но без функционален мерит систем и тие остануваат осамени во напорите за поздрава животна средина.
Доаѓаме до реалните проблеми поврзани со животната средина кои во повеќето случаи се поврзани со дневно-политички игри кои се користат за добивање на политички поени, од кои граѓаните немаат никаков бенефит.
Уште некој месец и на сите социјалните мрежи, весници, телевизии ќе гледаме секојдневно слики од загадувачи, секој град со неколкукратно повисоки од дозволените вредности, штетни ПМ честички.
Епилог од сето ова како и досега ќе биде препукувањето помеѓу владеењето на едните – па на другите и кој колку направил и што не направил за да се намали загадувањето. Редно време е да ставиме крај на ваквото неодговорно однесување кон животната средина и кон самите себе.
Под итно мора сите заедно – политичките чинители, граѓанскиот и бизнис секторот, академијата, да донесеме Стратегија за заштита на животната средина.
Стратегијата да биде за период од 10-20 години со ангажман од инволвираните институции без право на НЕИЗВРШУВАЊЕ туку само со право на НАДОГРАДУВАЊЕ на истата.
Стратегија во која ќе бидат опфатени сите сегменти за заштита на животна средина, како загаденост на воздухот, почвите и водите, производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, заштита на биодиверзитетот, третман на отпад и развој на зелената циркуларна економија, согласно Европскиот Зелен договор.
Стартегијата и соодветните акциски планови да се реализираат без секојдневни изјави и експонирања во јавноста од страна на политичарите, туку на секои 6 месеци со отчет пред граѓаните за сите ЗАВРШЕНИ ПРОЕКТИ и со план за наредните 6 месеци.
Секоја власт да биде обврзана да се води според таа стратегија и акциски план и по истек на рокот сите инволвирани субјекти да понесат одговорност за извршеност или неизвршеност на истата.
Само така ќе се врати довербата на граѓаните, која веќе долго време е изгубена, во овие институции.