Зелената партија ДОМ ги негира индивидуалните изливи на незадоволство и клевети искажани на денешната прес-конференција на Алтипармаковска во однос на функционирањето на Партијата и на работата на нејзината лидерка, Маја Морачанин. ДОМ одговорно тврди дека лажно се прикажува незадоволство на 17 општински организации, чии членови не се ниту запознати ниту консултирани за оваа прес-конференција.
Очигледно е дека мала група на лица, од кои, некои лажно се претставуваат со функции од партијата, имаат јасна намера да му наштетат на ДОМ и да го нарушат кредибилитетот и рејтингот на Партијата пред локалните избори. Тоа, сепак, не може да ги збуни граѓаните на кои не им е јасно која е политичката цел и намера на Алтипармаковска, ниту, пак, за што таа се залага. Ќе беше добро наместо неосновани обвинувања и етикетирања, да им објасни на граѓаните што сработи за овие четири години како советничка од ДОМ во Битола.
Барањето оставка од претседателката Маја Морачанин, не е основано, зашто само пред некој месец, на состанок на Централниот одбор на Партијата, таа поднесе Извештај за нејзината двегодишна работа и побара членовите на ЦО да се изјаснат дали имаат доверба таа да продолжи да ја води партијата. Без ниту еден глас против или воздржан, и беше изгласана доберба, со што, уште еднаш, се потврди единството на членството на Партијата и заложбите за доследно спроведување на зелените политики.
Функционирањето на Зелената партија ДОМ се заснива врз демократски принципи и ги почитува различните ставови и сите политички прашања се решаваат низ дијалог во рамките на органите на Партијата. Очигледно е дека со вакви невистинити изјави, неколку поединци сакаат да ги поткопаат угледот и влијанието на Партијата, а можеби одработуваат туѓи агенди. ДОМ е фокусиран на подготовките за локалните избори и во иднина нема повеќе да реагира на вакви несериозни активности на поединци.