Измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка се ставени на дневен ред на седница закажана за 18 јануари во македонскиот Парламент. Дел пратеници и еколошки здруженија оценуваат дека со нив ќе се овозможи полесно отворање на нови рудници и апелираат Владата да го повлече текстот.
Триесетина граѓански организации за заштита на животната средина направиле анализа на предложените измени на Законот за минерални суровини и испратиле предлози и барања до институциите предлог законот да биде вратен во редовна процедура, а во неа да биде вклучена експертската јавност и сите заинтересирани граѓани кои сакаат да дадат свои предлози за подобрување на текстот.
Според непрофитното граѓанско здружение „Здрава Котлина“, предложените измени на Законот за минерални суровини се негативни и прозиволно направени, тие се косат со други закони и ќе имаат штетни ефекти врз македонскиот буџет. Активистите од „Здрава Котлина“ се борат струмичката котлина да биде заштитена од отворање на нови рудници.
Новите измени на законот се предложени од Владата преку министеот за економија Крешник Бектеши и неговиот заменик Зоран Маневски, стои во текстот објавен на интернет страницата на македонското Собрание.
„Здрава Котлина“ и другите граѓанси здруженија апелираат до премиерот Зоран Заев да реагира и да се повлече законот од носење во скратена постапка и тој да биде донесен низ редовна постапка со учество на јавноста.
Граѓаните од струмичко во последните три години повеќе пати протестираа против отворање на нови рудници, стравувајќи дека тоа ќе биде погубено за животната средина, економијата и здравјето на граѓаните во целиот регион во источниот дел на Македонија.
На предложеното ново законско решение се противат и пратениците од зелената партија ДОМ, кои се дел од парламентарното мнозинство предводено од владејачката СДСМ.
Според нив, предложените измени се во интерес на концесионерите, но сметаат и дека со нив ќе биде олеснет процесот за отворање на нови рудници во Македонија.
„Предложените измени на Законот за минерални суровини одат во прилог на рударскиот бизнис и со нив се олеснува постапката за добивање на дозволи за концесија, за експлоатација и не се во согласност со нашите заложби, како партија ДОМ, за развој на зелена економија и одржлив развој“, вели пратеничката Маја Морачанин од ДОМ.
Закон кој се коси други закони?
Од „Здрава Котлина“ сметаат дека предложаните измени на Законот на минерални суровини се косат и со други закони во државата, како на пример со оние за спречување на перење пари.
Од здружението додаваат дека со измените на Законот се укинува и обврската за депонирање на финансиска гаранција, како и обврската за доставување на елаборати во кои ќе се опише технолошкиот процес на експлоатација на минералните суровини, пред да биде издадена дозвола за експлоатација.
Морачанин посочува дека исклучително важен член во Законот е тој што вели дека концедентот, односно Владата која ги издава дозволите, може да издаде дозвола за концесија или за експлоатација на минерални суровини дури и во случај доколку одередена компанија добие негативно мислење од институциите, на пример од Министерството за животна средина и просторно планирање или од општините.
„Ова за мене е спорно, мора да се почитува мислењето и на другите институции, вклучително и на локалната самоуправа“, вели Морачанин.
Во Валандово референдум за рудникот Казандол
Инаку, борбата на граѓанските здруженија против отварање нови рудници во земјава започна пред повеќе од три години, откако претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ издаде над 86 концесии за геолошки истражувања за рудници, по чие завршување е можно да се очекуваат исто толку барања за концесии за експлоатација.
Граѓаните од источниот дел на Македонија во тоа видоа потенцијална опасност врз животната средина, по што беа организирани неколку референдуми за запирање на ваквите проекти.
Премиерот Зоран Заев во предизборната кампања, пред неговата партија да ја освои власта во 2017 година, на граѓаните им вети дека изградбата на рудници ќе престане и дека за Владата предводена од СДСМ здравјето на граѓаните и здравата животна средина ќе биде „врвен приоритет“.
Тој пред граѓаните во Валандово, во пресрет на последните локални избори во 2017 година, изјави дека смета оти треба да престанат сите постапки околу рудниците, бидејќи, како што рече, „тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието во Република Македонија.“
Во меѓувреме, Владата го раскина договорот за рудникот Казандол во Валандово, а за рудникот Иловица-Штука донесе одлука да ја одземе концесијата и да не одобри издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини. Но, одлуките на Владата за рудникот Иловица-Штука оваа година ги запре Управниот суд.
Радио Слободна Европа за предложените нови измени на законот за Минерални суровини се обиде да добие став од координаторот на пратеничката група на СДСМ, како и од портпаролот на Македонската влада, но не доби одговор.
До објавувањето на текстот, став за предложените измени РСЕ не доби ниту од координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.