ДОМ: Законот за недискриминација-приоритет за новиот собраниски состав

Зелената партија ДОМ искажува длабоко разочарување поради укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на Уставниот суд.

Овој Закон пред една година беше донесен во Собранието и доби позитивно мислење од Венецијанска комисија, ОН, ЕУ и ОБСЕ-ОДИХР. Донесувањето на овој Закон беше оценето како добар напредок во областа на фундаменталните права од страна на Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2019 година.

Со Законот за недискриминација се унапредуваат човековите права и слободи на сите граѓани. Се овозможува формирање независна, професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Во Законот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се експлицитно наведени како основ за дискриминација, што е од особена важност за заштита од дискриминација на ЛГБТИ луѓето.

ДОМ останува посветен на имплементацијата на европските зелени вредности за унапредување на човековите права и слободи. Усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од следниот собраниски состав е наш врвен приоритет!