Честит 9 Мај-Денот на Европа и на победата над фашизмот!

Пред 70 години, Декларацијата на Шуман, го означи започнувањето на новиот Европски проект, изграден врз мир и солидарност. “Европа нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план. Таа ќе се гради низ конкретни достигнувања кои првенствено создаваат де факто солидарност”- се истакнува во Декларацијата.

Европските вредности на солидарност, демократија, владеење на правото, почитување на човековите права и слободи, социјална правда, заштита на животната средина и климата, одржлив економски развој и благосостојба на граѓаните се визијата на зелената партија ДОМ за развој на македонското општество како дел од Европското семејство.

Донесената одлука на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори е клучен напредок во реализирање на стратешката цел на македонската држава за членство во Европската Унија. Очекуваме наскоро да се определи преговарачката рамка и преговорите да започнат.

Денес одбележуваме и 75 години од победата над фашизмот и им оддаваме почит на македонските борци кои за време на Втората светска војна ги положија своите животи во борбата за слобода и победа над фашизмот.