ДОМ: Итно да се изгласа забрана за увоз на отпад како гориво

Зелената партија ДОМ бара итно да се изгласа измената на Законот за управување со отпад предложена од пратеничките од ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска. Со тоа ќе се забрани увоз на отпад како гориво и ќе се отстрани тој извор на загадување во време кога аерозагадувањето е многу високо, а институциите за контрола слаби.

Деновиве македонското собрание ја разгледува седницата на која се наоѓа оваа точка. На изненадување на предлагачите и на сите што го следат процесот, на вчерашната сесија претседателот Џафери ја прескокна точката, со образложение дека не се создадени деловнички услови за разгледување. На процедурална забелешка од Поповска дека законот е поддржан и од матичната комисија и од Законодавно-правната комисија и со тоа се исполнети деловничките услови, следеше ново појаснување од претседателот, дека всушност не е постигната согласност за разгледување од страна на координаторите на пратеничките групи.

Ги повикуваме собраниските координатори да не го попречуваат изгласувањето на законот кој е во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.