Деновиве повторно стануваат актуелни некои статистички податоци, токму во период кога наближуваме до омилениот македонски „спорт“ – избори, па почнуваме да правиме најразлични игри со бројки и проценти. Мене лично ме загрижуваат некои податоци што се изнесуваат во јавноста, а се поврзани со младите лица кај нас. Имено, деновиве Светска банка повторно алармира со Извештај за „Миграцијата и одливот на мозоци во Европа и Централна Азија“, во кој се вели дека речиси една четвртина од населението веќе ја напуштиле нашата земја. Според ова, приближно 500.000 лица си заминале од државата, а тоа се претежно млади образовани, обучени и квалификувани кадри, кои своето знаење ќе го имплементираат во други развиени земји.
Исто така, ме загрижуваат и оние бројки кои ги добиваме од најразлични меѓународни тестирања, каде што сме длабоко заглавени на дното на листите. Едно друго меѓународно истражување вели дека при тестирањата по математика, природни науки и читање, во 2015 не сме покажале основни компетенции во речиси 50% од испитаниците. Пребарувајќи ги бројките и статистиките дојдов до податок од Државниот завод за статистика дека во период од 2005-2017 од земјава се иселиле 12.500 лица. Доколку ова се спореди со скорешниот Извештај на Светска банка, секако дека ќе забележиме огромна разлика. Исто така, недостигаат и податоци за тоа во кои земји се имаат преселно овие граѓани, ниту, пак, податоци за нивното стручно образование.
Попис ни е потребен како леб, не како леб, како воздух! Со попис би имале точни бројки, со кои ќе може да изработиме стратегија и анализа на оваа проблематика. Со стратегија би биле на добар почеток за понуда на решение. Со пописот би имале одговор на повеќе прашања.
Во декември 2019 година сметам дека сите знаеме дека младите не си заминуваат само поради економски и финансиски причини. Неколку истражувања потврдуваат дека првата причина поради која си заминуваат младите е потрага по подобар живот. Тоа не значи дека тие си заминуваат само од финансии причини, туку и заради стабилна работа, просперитет, еднаквост, гарантирање на работнички права, толерантност, недискриминација во процесите на вработување и слично.
Како втора причина за иселување на младите се наведува политичката нестабилност. 61 процент од младите сметаат дека политичарите не водат грижат за размислувањата на младите, а 36 проценти, пак, не ги интересира политика. Потребата од мотивирање и вклученост на младите во процесите на креирањето на политиките е огромна и треба да биде еден од приоритетите на Владата. Според статистички податоци, проблемите со одржливоста на животната средина, загадувањето, корупцијата, намалениот квалитет во здравството, се само дел од сферите поради кои младите си заминуваат од татковината.
Што да се прави?
Потребна е суштинска промена на ситуацијата. Потребна е подобра меѓусекторска соработка и комуникација во речиси сите институции и во бизнис секторот со поголема вклученост на младите. Потребен е попис и детална стратегија за младите, точни податоци околу нивното заминување во странство и реформи во образовниот процес. Зашто, на младината не и припаѓа само иднината, туку и сегашноста.