Интервју со Емил Крстески: Приоритет за Државниот архив е дигитализацијата

Новиот простор не е соодветен и адекватен на потребите на нормалното извршување на основните задачи и обврски, зашто тој не ги задоволува европските стандарди на еден архив, вели во интервјуто Емил Крстески, новиот директор на Државниот архив, чиј објект е дел од проектот „Скопје 2014“. Државниот архив, вели тој, е еден од главните столбови на нашата историја и е значаен дел од нашата колективна меморија.

Неодамна бевте избран за директор на Државниот архив. Со какви предизвици се соочивте веднаш по доаѓањето во оваа институција?

Кога дојдов на оваа функција, речиси пред два месеца, се соочив со решавање на мошне битни прашања за Архивот. Имено, уште во првите неколку недели, како што вели нашиот народ, мене „ми падна паричката“ да решавам за буџетот на институцијата за наредната година, за нејзиниот стратегиски и акциски план, како и за новата систематизација. Требаше да се донесат и битни одлуки за идното функционирање на Државниот архив. Прашањето околу буџетот беше навистина ургентно, бидејќи бевме обврзани со временски рок, така што уште втората недела по преземањето на функцијата ги посетив сите девет одделенија на Државниот архив низ Македонија за да се запознам со вработените, со условите во кои тие работат и со потребите за нивно подобрување. Тие сознанија ми беа потребни, зашто беа, на извесен начин, и барометар за тоа каде треба да се насочат парите и како да се испланира буџетот за наредната година.

Кој од овие проекти е приоритетен?

Приоритет за Државниот архив мора да биде дигитализацијата на архивската граѓа и други документи, како и компјутеризацијата. Дадов иницијатива да се формира посебен информациски сектор, кој ќе се занимава, пред сè, со дигитализацијата, за што е потребно и дополнително кадровско екипирање, но и кој ќе изработи нов софтвер што ќе ги задоволува потребите на архивското работење на сите девет подрачни одделенија. Поради тоа, повеќе средства пренаменив токму во оваа насока, па дури и средствата што беа наменети за нов автомобил за директорот. Досега е комплетно скениран само архивскиот материјал од османско-турскиот период, кој претставува најголема збирка од овој тип на Балканот. Другите скенирања се реализираат повремено, според наменските потреби и не се достапни за корисниците. Во Државниот архив се изработени околу еден и пол милион скенирани материјали, бројка што се надевам во иднина ќе биде значително поголема. Во моите средби со амбасадорите и со претставници на некои меѓународни институции и организации, постојано го подвлекувам значењето од дигитализацијата на архивската граѓа и воопшто на постојните историски документи, значењето од техничко осовременување на Државниот архив и фаќањето чекор со европските и светските текови, при што наидувам на големо разбирање, па дури и на поддршка и ветувања за техничка помош од нивна страна.  

Што значи тој нов информациски систем што го споменувате во однос на архивската граѓа?

Новиот информациски систем треба да овозможи максимална заштита на архивскиот материјал и на објектите, подобрување на условите за микроклиматска заштита, ажурирање на евиденцијата, попрецизна обработка на фондовите и збирките, брзо пребарување, рационално истражување и солидна подготовка на нови публикации и документи. Постојниот софтвер е во употреба од 1998 година, без никаква надградба и веќе одамна него го има „згазено времето“. Подрачните одделенија не се поврзани со Државниот архив како централен дел, половината од нив работат локално, на персонални компјутери, без соодветен софтвер за архивско работење, затоа сега итно работиме врз нова платформа, нова стратегија за внесување и пребарување на архивскиот материјал.

Дали сметате дека Државниот архив  е запоставен како институција, и покрај неговото големо значење?

Државниот архив, во кој има вработено околу 280 лица, е формиран во 1951 година кога е и донесен Законот за државни архиви. Десет години подоцна почнуваат да функционираат и деветте подрачни одделенија во Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Струмица, Штип, Куманово и Скопје. Основната дејност на Државниот архив е да го собира, обработува и заштитува архивскиот материјал кој е од големо значење за историјата на нашата земја и да го дава на користење на научниците, истражувачите и студентите и да го објавува во посебни изданија. Државниот архив е еден од главните столбови на нашата историја и е значаен дел од нашата колективна меморија. Ние сакаме Државниот архив да им го приближиме на граѓаните и тие да имаат слободен и непречен пристап до информациите што се од јавен карактер, а со тоа да ја зголемиме и довербата кај нив. Во основа, ние сакаме да ги имплементираме меѓународните и европските стандарди од областа на архивистиката, што не е едноставно во вакви околности, кога извесен период имало застој на процесот на дигитализација и немало доволен број стручни кадри, особено од областа на историјата и архивистиката. И затоа со подобрувањето на условите за работа во Државниот архив ние сакаме да се прикажеме како атрактивна институција која ќе ги мотивира младите многу повеќе да се интересираат за историјата, за архивистиката и за научната работа во оваа област. Оваа професија бара и многу љубов и страст. Поголем број вработени одат во пензија, а нивните работни места остануваат непополнети со соодветен стручен кадар, особено во подрачните одделенија.

Со каков материјал располага Државниот архив?

Во Државниот архив се чуваат 7.769 фондови, 68.369 архивски книги, 1.864 класери и 382 збирки или вкупно 113.087 кутии архивски материјал. Во својот состав Државниот архив има лаборатории за конзервација и реставрација и за микрофилмување. Во Архивот има 11.208.450 микрофилмувани снимки. Според последните податоци, кај нас се чуваат речиси 13 и пол километри филмски архивски материјал.

Каков третман имаат сега досиејата на службите од претходниот систем што се чуваат во Архивот, а кои беа и предмет на злоупотреби за време на т.н. лустрација?

Што се однесува до таквите случаи и досиеjа, тие се евидентирани и попишани во Државниот архив во електронска форма. Ваквиот вид документи се достапни за научната јавност, за истражувачите на нашата историја, како и за самите лустрирани лица и нивните најблиски роднини. Копија од тие документи имаше и Комисијата за лустрација, која веќе не постои. При користењето на овие документи, секој истражувач потпишува изјава дека документите ќе ги користи според законските прописи и дека нема да ги злоупотреби.

Како ќе ги решавате просторните проблеми со кои се соочи оваа институција по преселувањето во новиот објект кој е дел од проектот „Скопје 2014“?     

Кога дојдов во Државниот архив, се соочив и со проблемот на функционалноста на просторот, кој не е соодветен и адекватен на потребите на нормалното извршување на основните задачи и обврски, зашто тој не ги задоволува европските стандарди на еден архив. Ми се чини дека грешката е направена кога се дозволило Државниот архив да се пресели во зградата каде што се наоѓаат и Археолошкиот музеј и Уставниот суд на брегот на Вардар. Од сегашната влада имаме големо разбирање и поддршка во поглед на решавањето на просторното прашање и изнаоѓањето соодветно решение за нашите депоа и канцеларии.

До каде е реконструкцијата на покривот на објектот?

Дури сега, пред две-три недели, се реновираа оштетените делови по канцелариите и по ходниците на Архивот, кои беа предизвикани од поројните дождови во Скопје пролетта 2018 година. Во тек е реконструкцијата на покривот на зградата на Државниот архив, што треба да ги спречи ваквите штетни влијанија, целосно е завршена и реконструкцијата на архивот во Тетово, а се довршува и новиот кат во архивот во Прилеп. Се надевам дека со репарацијата на покривот на главната зграда на Државниот архив, привремено ќе се реши проблемот со протекување вода во канцелариите и во депото, но тоа не е ни од далеку решение кое би требало да ги задоволи потребите и стандардите на еден европски архив.

Планирате ли некои проекти што ќе обезбедат поголема отвореност на Архивот кон јавноста, но и зајакнување на соработката со други институции од оваа област?   

Секако, Државниот архив има тенденција да биде отворен спрема јавноста и преку печатење книги, документи и списанија. За тоа придонесува и публикувањето на списанието „Македонски архивист“, каде што се објавуваат стручни текстови од домашни и странски автори, кои се однесуваат на прашања од историјата и архивистиката, како и одреден број  стручни, одвоени публикации што содржат истражувачки материјали за нашата историја и текстови за меѓународните текови и искуства во областа на архивистиката. Исто така, Државниот архив често организира и изложби дома и во странство, презентирајќи оригинали и копии од значајни документи од нашата историја и од настани што ги одбележале нашето осамостојување и самобитност. Државниот архив има и интензивна меѓународна соработка. Ние сме полноправна членка на Меѓународниот архивски совет, со седиште во Париз, од 1992 година и на Меѓународниот центар за архивско истражување, со седиште во Виена, од 2010 година. Во секоја од овие две организации членуваат по над 150  земји и за нас е од голема полза размената на мислења и искуства на нивните конференции. Преку овие активности сакам да ја потенцирам и нашата соработка со архивите на бившите ју-републики во врска со прашањето за сукцесија на архивските документи, која ми се чини дека сѐ уште е во почетна фаза. Се надевам дека наскоро оваа соработка на професионално ниво ќе добие соодветна динамика. Државниот архив е активен член и на Европскиот борд на национални архиви и на Европската архивска групација. Контактите на ова ниво не се само можност за промоција на нашата земја и историја, туку и можност да ги согледаме современите текови во архивистиката и нив да ги прифатиме и како наши вредности со кои ќе бидеме препознатливи во меѓународни рамки.

Директор на велосипед                                         

Од првиот ден, директорот на Државниот архив, Емил Крстески, кој е од редовите на ДОМ, оди на работа со велосипед, иако има службен автомобил и возач. Тој ги пренаменил за дигитализација и компјутеризација средствата од буџетот за идната година, што беа наменети токму за купување нов автомобил за директорот (околу 30.000 евра).

„Го сакам чисто и зелено Скопје. Ги почитувам зелените политики и сакам да придонесам за намалување на сообраќајниот хаос во главниот град и за намалување на загадувањето на воздухот. Играм трипати неделно тенис и возам велосипед. Тоа е добро за здравјето и за одржување здрава животна средина. Се надевам дека сум добар пример на функционер без комплекси и предрасуди и ме радува што наутро кога одам на работа гледам сѐ повеќе млади функционери и службеници кои возат велосипеди и тротинети“, вели Крстески.

Александра М. Митевска

фото: Борис Грданоски

извор: nezavisen.mk