Советничката од ДОМ Оџаклиеска го актуелизира проблемот со дивите депонии во Општина Кисела Вода

”Ги поздравувам заложбите на Oпштина Кисела Вода за решавање на проблемите со отпадот. Но, енормната количина на собран отпад, во низата акции спроведени оваа година, укажува на пропусти во системот за управување со отпад на локално ниво.” – рече Христина Оџаклиеска, советничката од ДОМ, на дебатата која вчера се одржа во просториите на Општината. Таа ја истакна потребата од почитување на законската регулатива за постапување со отпад и одржување на јавната чистота од сите засегнати страни.

Настанот беше организиран во рамки на проектот “План за комуникација и кампања против “диво” депонирање на отпад” организиран од НВО Зелен Институт – Скопје, со поддршка на Општина Кисела Вода и Министерство за животна средина и просторно планирање. 

Воведно обраќање имаше Филип Темелковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, кој ја поздрави иницијативата на граѓанскиот сектор и изрази желба за соработка со сите засегнати страни во процесот на справување со дивите депонии. 

Претседателката на НВО Зелен институт, Наташа Амдиу, даде краток осврт на состојбата со дивите на територијата на Општина Кисела Вода, кои беа опфатени со проектот, и ги презентираше резултатите од анкетата во која беа вклучени домаќинствата и правните субјекти во близина на дивите депонии.

Во дискусијата учество зедоа граѓани, претставници од невладини организации, инспектори од Град Скопје, претставници од Комунална хигиена, правните субјекти лоцирани во близина на дивите депонии, како и лица вработени во Општината кои работат на оваа проблематика. 

Учесниците во дебатата дадоа предлози за: 

  1. Мапирање на сите диви депонии на територијата на Општината.
  2. Санирање на дивите депонии и нивно уредување во зелени површини. 
  3. Одредување на локација на територијата на Општината за одложување на градежен шут. 
  4. Набавка на повеќе возила за собирање на отпад. 
  5. Зачестена контрола на терен и казнување на лицата кои неодговорно постапуваат со отпадот и придонесуваат за создавање на дивите депонии.