Пратеничката Лилјана Поповска, Мирослав Богдановски, Ервин Реџепагиќ и Дарко Кржовски од ДОМ беа на увид на падините на Јакупица во општина Чашка, на барање на планинари и екологисти од Велес, кои се загрижени поради уништување на животната средина.
Планинскиот масив Јакупица е изложен на систематско опустошување од сечење на шумите.
Веќе со години се сече и државна и приватна шума до голосек, не водејќи сметка за обновување. Животната средина е сериозно загрозена и со фрлањето отпад во реките, особено во реката Тополка, која се влева во хидросистемот Лисиче, од кој се снабдува со вода Велес.
Екипата од ДОМ се сретна и со градоначалникот на оштина Чашка, Горан Стојановски, со кого се разговараше за начинот за надминување на проблемите. Заеднички беше заклучено дека најефикасно и одржливо решение е прогласување на Јакупица за национален парк, со што би се обезбедила трајна заштита на животната средина и услови за развој на рурален и еко-туризам.
ДОМ, заедно со НВО Вила Зора, има поднесено иницијатива за прогласување национален парк Јакупица до Министерството за животна средина пред повеќе години, на што доби и начелна поддршка, но не и конечно решение. Оваа иницијатива ќе биде обновена, очекувајќи повеќе разбирање овојпат.