Во рамките на активностите за заштита на човековата околина, ДОМ и Зелениот институт ја одржаа Втората меѓународна конференција посветена на рудниците, на која учествуваа и претставници од Европските зелени, како поддршка на борбата на ДОМ и на граѓанските иницијативи против отворањето на рудници во Република Македонија, кои се штетни за здравјето на населението и за животната средина.
На конференцијата со свои дискусии учествуваа: Лилјана Поповска, претседателка на ДОМ, Борислав Сандов, координатор на Балканската зелена мрежа, Мирослав Богдановски, директор на Инспекторатот за животна средина, како и граѓанските активисти за спас на Гевгелија, Богданци и Валандово, Ангел Наков, Јован Џалев и Горан Балески.
Координаторот на Балканската зелена мрежа, Борислав Сандов ги пренесе бугарските искуствата во однос на рудниците и даде целосна поддршка на ваквите иницијативи во Македонија, потенцирајќи дека не треба да се дозволи Балканот да опустоши и да се претвори во трет свет.
Претставниците на граѓанските иницијативи за спас на Гевгелија, Богданци и Валандово во своите дискусии изнесоа загрижувачки податоци за опасностите што ги предизвикуваат отворањата на нови рудници во близина на нивните градови и за загадувањето на водата, воздухот и почвата, што може да предизвика катастрофални последици за здравјето на населението.
Директорот на Инспекторатот за животна средина, Мирослав Богдановски информира дека пред неколку дена првпат е направен инспекциски надзор во рудникот Казандол по барање на граѓански иницијативи и на терен е утврдено дека не е изградена постројката за катоден бакар, која според концесискиот договор требало да биде завршена до февруари оваа година. Нотирани се и редица други неправилности за кои јавноста и институциите ќе бидат известени во најскоро време.
На Конференцијата беа донесени следниве заклучоци:
- Да продолжи борбата против отворањето рудници опасни за здрајето и животната средина, во соработка на сите активисти од граѓанскиот и политичкиот сектор во земјата и регионот, а со подршка на Европските Зелени,
- Борбата да се насочи кон обезбедување правни аргументи за раскинување на досега потпишаните договори за концесија, со приоритет на рудниците Казандол и Иловица, кои се во најнапредна фаза,
- Правниот тим на ДОМ да продолжи да работи во соработка со граѓанските иницијативи и институциите за изнаоѓање издржани правни аргументи за раскинување на штетните договори, обештетување на државата од страна на концесионерите и барање одговорност за оние што не ги почитувале законските прописи и закони,
- Од министерството за финансии се бара соодветно буџетирање на Инспекторатот за животна средина за да може ефикасно да ги врши своите надлежности,
- Од Владата се бара измена на постоечкиот Закон за минерални суровини,
- Се бара забрана за употреба на цијанидни раствори во рударството и
- Да продолжи вмрежувањето на активистите против отворање рудници од сите балкански земји.