Предлог на Закон за урбано зеленило

Предлагачи: Група пратеници

ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА УРБАНО ЗЕЛЕНИЛО

Скопје, октомври 2017 година

ВОВЕД:

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Значењето на зеленилото за здравјето на луѓето и за квалитетот на нивниот живот во светот одамна е признаено и затоа се практикува негова строга заштита и унапредување. Зеленилото е гордост на многу европски метрополи, кои го истакнуваат како туристички бренд на местото, како „зелениот Берлин“ или „Виенските шуми“, а многу градови се избориле за титулата „зелен град“, како Хамбург, Копенхаген, Љубљана, Стокхолм, Хелсинки и други. Тоа е порака дека се тоа градови со висок квалитет на животот, каде зеленилото зафаќа дури повеќе од 45% од површината на градот.

Споменатите градови имаат долгогодишна традиција на почит кон природата, па така „Виенските шуми“ се прв пат заштитени во далечната 1905 година со т.н. Зелена повелба, а подоцна со уште неколку правни акти.

Зеленилото особено доби на цена последниве децении, кога сме сведоци на сериозни климатски промени, во голем дел предизвикани од човековата негрижа за природата и надвладувањето на економските начела над еколошките. Постои цело светско движење за „зелени градови“, каде преку закони и современа технологија, се прави напор на онаа огромна бројка од 50% светска популација што живее во градовите, да им се овозможи поквалитетен живот, преку допир со природата.

Има огромни разлики во степенот на озеленетост на европските градови: најзелени се западноевропските градови со над 40%, потоа источноевропските со 15%, а најмалку зелени се балканските држави со помалку од 10% зеленило!

Искажано поинаку, се смета дека 25 м²/жител зеленило овозможува здраво и хумано живеење. Тоа била и проекцијата за Скопје во Генералниот урбанистички план (ГУП) од 2002-та, но никогаш не дошла ни близу. Според официјални податоци (ГУП 2012-2022), Скопје во 2011 имало 12,17 м²/жител зеленило (според пописот од 2002), односно 9,18 м²/жител (сметано на 550.000 жители, но во рамките на новиот плански опфат). Како проекција за 2022 е предвидено 18,5 м²/жител, или околу 17 м²/жител според реалниот број жители. За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило.

Слична е состојбата и со другите урбани центри во Македонија. Поради недоволната свест за значењето на урбаното зеленило, тоа премногу лесно се претвора во градежна парцела. Се заборава дека повеќе зеленило значи повеќе здравје, зашто само едно 10-годишно дрво дневно дава кислород потребен за еден човек, го троши јаглеродниот диоксид, дава влага, сенка и го хуманизира просторот.

Поради сево ова, на зеленилото во урбаните центри му треба институционална заштита, со носење посебен Закон за урбано зеленило. Со него ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон.

Во законот стои обврска за изработка на зелен катастар на сите урбани површини, односно попис на целото зеленило по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина на ниво на град, за сите идни ГУП-ови, како и задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20%, зависно од локацијата, намената и големината на градежната парцела. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста. Се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето.

Со носењето на Законот за урбано зеленило, тоа станува предмет на интерес и заштита од страна на граѓаните и институциите и ќе добие третман каков што заслужува, како предуслов за здрав живот на сегашните и идни генерации.

При изработката на Предлог законот за урбано зеленило беа користени искуствата од австриското и германското законодавство за зеленило, Закон за уредување и одржување на зелените површини од 1968 (за кусо време укинат), како и работна верзија на нацрт-текст од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Користени се и многу законски и подзаконски акти: Закон за заштита на природата, Закон за животната средина, Закон за просторно и урбанистичко планирање; одлуки за прогласување за заштитени подрачја на парк-шумата Водно, карактеристичен пејсаж Гази Баба и кањон Матка; потоа одлуки за комунален ред на Град Скопје и за поставување на урбана опрема; Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (од 1997 до 2012, каде најдобро се гледа постепеното бришење на зеленилото од урбанистичко-планската документација); ГУП-ови на Скопје (2002-2020 и 2012-2022); ГУП на Белград и многу други документи и прописи.

Носењето на Законот за урбано зеленило го иницираше ДОМ како зелена партија, низ повеќе фази. Започна од предлог за изработка на зелен катастар на Скопје во 2011-та – следеше поддршка од градоначалникот на Град Скопје, донаторска конференција и одвојување буџет за таа намена. Соработката продолжи со поддршка и на иницијативата за Закон за зеленило во 2012-та, па беше формирана работна група за изработка на законот, од членови на Комисијата за екологија на ДОМ, претставници од Градот Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Агенцијата за планирање на просторот.

Во јуни и јули 2013 година првата верзија на законот помина две расправи со претставници од Градот Скопје и општините, а подоцна и во ЗЕЛС, од каде доби поддршка на 5 февруари 2014 година. Законот за зеленило за прв пат беше поднесен во Собранието на Република Македонија на 26 февруари 2014 година и беше одбиен. Следеше период на ново усогласување на текстот со Министерството за транспорт и врски, нова јавна расправа со претставници од Градот Скопје и ЗЕЛС, како и јавна кампања на ДОМ за потребата од носење на ваков закон. Новата верзија на законот, преименуван во Закон за урбано зеленило, беше поднесена на 4 јуни 2015 година и беше повторно одбиена. По шест месеци од последното поднесување, според деловничките правила, законот се поднесе по трет пат на 10 декември 2015 и доживеа трето одбивање.

Под притисок на јавноста, во 2016 година беше донесен текст на Закон за зеленило, кој не содржи конкретни мерки за заштита на зеленилото, нема обврска за изработка на Зелен катастар, не пропишува нормативи и стандарди за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, ниту пак обезбедува финансиски средства за негово унапредување. Текстот е во голема мерка декларативен и се повикува на постојната законска регулатива за просторно и урбанистичко планирање, која всушност го овозможува масовното уништување на зеленилото.

Веруваме дека во меѓувреме созреа свеста кај сите граѓани, па и кај пратениците од сите партии, дека ни е неопходна заедничка борба со енормното загадување на воздухот и дека во таа борба зеленилото игра извонредно важна улога. Значи, зеленилото треба институционално да се заштити со посебен закон и да се пропишат нови стандарди за негова заштита и подигнување, кои се директно поврзани и со нови стандарди за просторно и урбанистичко планирање и градење. Убедени сме дека за еден ваков закон нема партиски бои и дека може да се донесе со консензус, како заеднички закон и придонес за здравјето на сегашните и идните генерации.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Основна цел на овој закон е управувањето со зеленилото на начин на кој трајно ќе се сочува и зголеми неговата вредност, како и спроведување на неговите функции.

Основни начела и принципи се: одржливост, интегрираност, соработка и едукација, како и пристап до информации и учество на јавноста.

Со Законот за урбано зеленило ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон.

Во законот стои обврска за изработка на зелен катастар на градот, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина, за сите идни Генерални урбанистички планови, како и најмалку 20% зелена површина на секоја градежна парцела, зависно од намената и локацијата. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста. Се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето.

III. ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Предлог законот за урбано зеленило ќе предизвика финасиски последици врз Буџетот на Република Македонија.

IV. ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ И НАЧИНОТ НА НИВНОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, КАКО И ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Спроведувањето на Предлог законот за урбано зеленило повлекува финансиски импликации и потребни се финансиски средства од Буџетот на Република Македонија.

ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА УРБАНО ЗЕЛЕНИЛО

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет на Законот

Член 1

(1) Со овој закон се уредува планирањето, проектирањето, подигањето, одржувањето, заштитата и реконструкцијата на урбаното зеленилото, финансирањето и управувањето со него, како и надзорот над примената на одредбите на овој закон.

(2) Под урбано зеленило во смисла на овој закон се подразбираат зелените површини во границите на планскиот опфат на урбанистички план, урбанистичко-планска документација, регулациски план на генерален урбанистички план, архитектонско-урбанистички проект, како и зелените површини во непосредна близина на градот, надвор од планскиот опфат, кои со посебен акт се дадени под надлежност на општините со седиште во градот, како парк-шуми, спортско-рекреативни центри и друго (во натамошниот текст: зеленило).

Дефиниции

Член 2

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1) „Зелен катастар“ е попис на вкупното зеленило на подрачјето на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, според вид, старост, квалитет, просторна распределба и друго;

2) „Парк“ е зелена површина со големина над 1ха, која се користи за одмор, шетање, разонода и игра;

3) „Парк-шума“ е земјишна површина обрасната со шумски дрва, со големина над 5 ха и заштитена со закон поради посебни природни вредности;

4) „Зелен плоштад“ е зелена површина со големина под 1 ха, која се користи за пешачки транзит, краткотраен одмор и игра;

5) „Дрворед“ е линиски облик на зеленило, поставено по должината на сообраќајницата;

6) „Зелен коридор“ е зелена површина долж сообраќајници и површини за пешачки и велосипедски сообраќај (средишно зеленило на булевари, живи огради и слично);

7) „Заштитно зеленило“ е зеленило што се поставува за да ги изолира зоните со инкомпатибилни намени и има улога на тампон-зона за заштита од индустриско загадување, ветер, подземни води, ерозија и свлекување на земјиштето, бучава, прав, непријатни мириси, како и за рекултивирање на јаловишта, депонии и деградирани простори;

8) „Неуредено зеленило“ се неуредени површини наменети за јавно зеленило во урбанистичките планови (напуштени површински копови, депонии, земјишта и слично);

9) „Оштетено дрво“ е исушено дрво, дрво со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрво нападнато од карантински болести и штетници, дрво со значителни физички оштетувања по разни основи и заболено дрво кај кое не постои можност за успешно санирање на неговата здравствена состојба.

Цели на законот

Член 3

(1) Основна цел на овој закон е управување со урбаното зеленило на начин на кој трајно ќе се сочува и зголеми неговата вредност, за да може да ги врши своите функции.

(2) Под функции на урбаното зеленило се подразбира неговата улога во:

  • подобрување на квалитетот на воздухот,
  • подобрување на здравјето на граѓаните,
  • подобрување на микроклимата,
  • намалување на бучавата,
  • намалување на загадувањето на почвата,
  • зачувување на биолошката разновидност,
  • заштита од прекумерна инсолација,
  • адаптирање кон климатските промени,
  • намалување на лизгањето и ерозијата на земјиштето,
  • естетско облагородување и декорација на теренот,
  • создавање услови за спорт, одмор и рекреација,
  • социјална интеграција на заедниците и подобар квалитет на живот;
  • зачувување на естетскиот, историскиот и културниот идентитет на градот;
  • заштита на пејзажните вредности во урбаните предели,
  • развој на туризмот и други услужни дејности и
  • обезбедување рамнотежа во изградениот простор и допир со природата.
Член 4

Посебни цели на овој закон се:

1) планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото на одржлив начин;

2) утврдување на фактичката состојба на фондот на зеленило со Зелениот катастар;

3) третирање на зеленилото како посебна планска проекција од членот 1 став (2) на овој закон;

4) дефинирање стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленилото;

5) дефинирање нормативи за одржување на зеленилото;

6) утврдување мерки за заштита и обнова на зеленилото;

7) воспоставување систем за управување и финансирање на зеленилото;

8) унапредување на зеленилото заради подобрување на квалитетот на живот и

9) подигање на еколошката свест кај граѓаните.

Член 5

Целите од членовите 3 и 4 на овој закон се остваруваат со:

1) изработка на Зелен катастар на подрачјето на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје;

2) изработка на Стратегија за развој на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје за период од 10 години;

3) изработка на Основен план за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје за период од 3 до 5 години;

4) изработка на Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје;

5) утврдување стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленилото;

6) носење Одлука за зеленило или друг правен акт со кој општината или градот Скопје го уредува зеленилото.

Основни принципи

Член 6

(1) Основни принципи за заштита и унапредување на зеленилото се:

1) Одржливост – подразбира систем на општествени и економски активности со кои се обезбедува соодветно користење на постојните зелени површини, нивно зачувување, заштита и унапредување, во согласност со воспоставени стандарди и нормативи.

2) Интегрираност – подразбира вградување на заштитата и унапредувањето на зелените површини како природни вредности во стратегијата за одржлив развој, просторното и урбанистичкото планирање, како и други планови и програми, со издвојување на приоритетни интервентни мерки и создавање основа за долгорочна развојна политика на системот на зелени површини.

3) Соработка – подразбира заедничко дејствување и координирање на органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, организациите и институциите, како и други правни и физички лица, во извршувањето на своите должности и задачи во согласност со начелата, целите и мерките за заштита, обнова и унапредување зелените површини.

4) Едукација – подразбира информирање, едукација и обука од најмала возраст и подигање на свеста за значењето на зелените површини и животната средина, како и за примената на законите од оваа област.

5) Пристап до информации и учество на јавноста – подразбира обезбедување право на пристап до информации на секој граѓанин за активностите поврзани со зелените површини, со кои располагаат органите на управата и стручните оранизации на кои им се доверени работите за одржување и унапредување на зелените површини, вклучувајќи ја и можноста да учествуваат во процесот на донесување одлуки.

(2) За заштитата и унапредувањето на зелените површини се применуваат и основните начела за заштита на животната средина, во согласност со закон.

II. ВИДОВИ ЗЕЛЕНИЛО

Член 7

Урбаното зеленило согласно со овој закон опфаќа:

1) јавно зеленило и

2) останато зеленило.

Јавно зеленило

Член 8

(1) Јавно зеленило се зелените површини или земјиштето наменето за озеленување од членот 1 став (2) на овој закон, со основна намена да бидат урбано зеленило, а се под надлежност на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје.

(2) Јавното зеленило е добро за општа употреба.

Член 9

Типови јавно зеленило се:

  • парк;
  • парк-шума;
  • зелен плоштад;
  • дрворед;
  • зелен коридор;
  • заштитно зеленило;
  • неуредено зеленило и
  • друго зеленило на јавни отворени простори.

Останато зеленило

Член 10

Останато зеленило се зелените површини или земјиштето наменето за озеленување од членот 1 став (2) на овој закон, кои претставуваат придружна содржина на други основни намени, а се во сопственост на физички и правни лица, или дадени на нивно користење.

Член 11

Типови останато зеленило се:

1) зелени површини покрај објекти за домување (станбени куќи, станбени згради и друго);

2) зелени површини покрај комерцијални и деловни објекти (комерцијални и деловни единици, угостителски единици, хотелски комплекси и слично);

3) зелени површини покрај објекти на јавни институции (образовни, здравствени, социјални, културни, државни, верски и други);

4) зелени површини покрај објекти за производство, дистрибуција и сервиси (мали и големи комерцијални и деловни единици, угостителски единици, хотелски комплекси и друго);

5) зелени површини покрај објекти за спорт, рекреација и меморијални простори (гробишта и меморијални паркови);

6) зелени површини покрај инфраструктура (комунална, некомпатибилна и друга);

7) посебни зелени комплекси (ботанички градини, зоолошки градини, дендро- паркови, арборетуми, изложби на цвеќе и слично);

8) расадници;

9) зеленило на кровни тераси и вертикално зеленило на фасади.

III. УПРАВУВАЊЕ СО ЗЕЛЕНИЛОТО

Надлежност за управување со зеленилото

Член 12

(1) Управувањето со зеленилото, што подразбира подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, е во надлежност на општината, општините во градот Скопје, градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

(2) Општината, општината во градот Скопје и градот Скопје има надлежност да:

1) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Стратегија за развој на зеленилото, која ги дава насоките за креирање на планските решенија во делот на зеленилото при изработката на сите планови и проекти од членот 1 став (2) на овој закон и ја следи неговата реализација во поглед на заштита и унапредување на системот на зеленило;

2) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Основен план за подигање и развој на зеленилото за период од 3 до 5 години, во кој се утврдува просторот кој треба да се озелени и процентот на озеленетост што треба да се реализира во временскиот период и ја следи неговата реализација во согласност со Стратегијата за развој на зеленилото;

3) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото, во која се утврдуваат видот и површината на зеленилото што ќе биде подигнато и одржувано, динамиката на подигање и начинот на одржување, процентот на озеленетост, изворот на обезбедување и висината на финансиските средства во тековната година и друго и ја следи нејзината реализација во согласност со Основниот план за подигање и развој на зеленилото;

4) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Одлука за зеленило или друг правен акт со кој се уредува зеленилото;

5) иницира и координира изработка на студии од интерес за унапредување на зеленилото;

6) издава решенија во согласност со овој закон;

7) воспоставува и ажурира Зелен катастар, достапен за јавноста;

8) врши инспекциски надзор преку комунални инспектори,

9) обезбедува учеството на јавноста и невладините организации во донесувањето одлуки од значење за заштита и унапредување на зеленилото, во областа на едукацијата, информирањето и слично.

(3) Министерството за животна средина и просторно планирање има надлежност да:

1) пропишува Правилник за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, во кој се утврдени формата и содржината на Стратегијата, Планот и Програмата од став (2) точки 1, 2 и 3 на овој член, како и формата и содржината на Зелениот катастар;

2) врши надзор над спроведувањето на законот.

Член 13

Подигање, одржување, заштита и реконструкција на јавното зеленило врши јавно претпријатие основано од општината или градот Скопје, или правно лице регистрирано за вршење на овие дејности согласно со закон.

Член 14

Подигање, одржување и реконструкција на останатото зеленило, кое е дел од градежна парцела со одредена намена, врши правно или физичко лице, сопственик или корисник на таа градежна парцела, во согласност со овој закон.

IV. ПЛАНИРАЊЕ И ПРОЕКТИРАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Планирање на зеленило

Член 15

(1) Планирањето на зеленилото во границите на планскиот опфат на град во општините и Градот Скопје се врши со Генерален урбанистички план кој ги дава основните намени на просторот, во согласност со Стратегијата за развој на зеленилото.

(2) Планирањето на зеленилото во границите на планскиот опфат на општината, надвор од град, се врши со урбанистички план и урбанистичко-планска документација, во согласност со член 1 став (2) од овој закон.

(3) Надлежност за планирање на зеленилото има општината, градот Скопје и Министерството за транспорт и врски.

Планирање на просторот за зеленило

Член 16

(1) Просторот предвиден за зеленило на ниво на град, генерално се планира со Стратегијата за развој на зеленилото на подрачјето на градот од член 12 став (2) точка 1 на овој закон, која се вградува во секој нов Генерален урбанистички план.

(2) Просторот за зеленило се разработува во Урбанистички план за четврт, со кој се утврдуваат наменските зони за зеленило.

(3) Основниот план за подигање и развој на зеленилото на подрачјето на градот од член 12 став (2) точка 2 на овој закон се изготвува во согласност со Стратегијата за развој на зеленилото.

(4) Деталното планирање на зелените површини на ниво на град се врши со Детален урбанистички план, кој треба да е во согласност со Основниот план за подигање и развој на зеленилото на подрачјето на градот.

(5) Архитектонско–урбанистичките проекти и основните проекти содржат графички прилог за уредување на зеленилото.

Изработка на планска документација

Член 17

Планската документација за зеленилото во рамките на урбанистичко-планерскиот процес на изработка на урбанистичка документација од членовите 15 и 16 на овој закон, се изработува од изготвувачот на урбанистичката и урбанистичко-проектната документација.

Изработка на проектно–техничка документација за зеленило

Член 18

(1) Проектно-техничката документација за проектирање и подигање на зеленило се изработува согласно со Планот и Програмата од член 12 став (2) точки 2 и 3 на овој закон.

(2) Проектно-техничката документација од ставот (1) е составен дел на основниот проект за изградба на објект, за кој се бара одобрение за градење, освен за домување во станбени куќи.

(3) Проектно-техничката документација за зеленило може да ја изработува јавно претпријатие на локалната самоуправа формирано за подигање и одржување на јавното зеленило или правно лице, регистрирано за вршење на овие дејности во согласност со закон.

Стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленило

Член 19

(1) Со Генералниот урбанистички план се одредува обемот на зелена површина по жител, што единицата на локалната самоуправа треба да го постигне во временскиот рок утврден со планската документација.

(2) Во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, треба да се обезбеди 25м2 зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на град.

Член 20

(1) При изработка на сите планови и проекти од членот 1 став (2) од овој закон, треба да се обезбеди најмалку 20% зеленило на секоја градежна парцела.

(2) На градежните парцели со веќе изградени објекти, каде не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина од ставот (1) на овој член, се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади.

(3) Процентуалната застапеност на зелената површина од ставовите (1) и (2) на овој член попрецизно ќе се дефинира со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, кој го пропишува Министерството за транспорт и врски, зависно од локацијата, намената и големината на градежната парцела.

Член 21

Министерството за животна средина и просторно планирање, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да предвидат средства во Буџетот на Република Македонија,буџетите на општините и буџетот на градот Скопје, за обезбедување на стандардот од 25м2 зеленило по жител.

Член 22

Во текот на постапката за добивање одобрение за градење, надлежниот орган на инвеститорот во изводот му дефинира процент на зеленило во согласност со овој закон.

V. ПОДИГАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Подигање на зеленилото

Член 23

(1) Подигање на зеленилото се врши врз основа на проектно-техничката документација за проектирање и подигање зеленило, која е составен дел на основниот проект за изградба на објект.

(2) Проектно-техничката документација се изработува согласно со Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленило од членот 12 став (3) од овој закон.

(3) Подигањето на зеленилото го врши јавно претпријатие формирано од општината или од Градот Скопје за вршење на работите од областа на озеленувањето, или правно лице кое е регистрирано за изведување на работите за озеленување и кое има вработено најмалку едно лице земјоделски или шумарски инженер со соодветна насока.

Услови за издавање употребна дозвола за објекти

Член 24

Актот за употреба на објектот согласно со закон, не може да биде издаден за објекти за кои во текот на техничкиот прием се утврди дека не е реализирано зеленилото кое е предвидено со проектот.

VI. ОДРЖУВАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Член 25

Одржувањето на зеленилото е обврска на сите физички и правни лица независно од типот на сопственоста.

Одржувањето на зеленилото се врши согласно со Правилникот одчлен 12 став (3)од овој закон.

(3) Одржувањето на јавното зеленило на подрачјето на единицата на локалната самоуправа се врши во согласност со овој закон и Одлуката за зеленило, а врз основа на Годишната оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото.

(4) Одржувањето на останатото зеленило е во надлежност на правни или физички лица кои се нивни сопственици или корисници.

(5) Правните и физичките лица, сопственици или корисници на зеленилото, можат, на своја сметка, обврската за одржување на зеленилото да ја доверат на правно лице регистрирано за вршење на работите за одржување на зеленилото.

(6) Одржувањето на останатото зеленило што е во државна сопственост, за кое се грижат неговите корисници, се врши согласно со овој закон.

(7) Во случај на промена на сопственоста, давање или пренесување права за користење над парцела, се пренесува и обврската за одржување на зеленилото.

Член 26

(1) Одржувањето на зеленилото, во зависност од неговата намена и значење, може да биде интензивно и умерено.

(2) Интензивното, односно умереното одржување на зеленилото се одредува со годишните програми што ги усвојува советот на општината или на градот Скопје.

(3) По потреба можат да се пропишат интензивни мерки за одржување за умерено одржуваното зеленило.

Член 27

(1) Во интензивно одржувано зеленило спаѓаат:

  • паркови;
  • зелени плоштади;
  • зелени површини на детски игралишта;
  • здравствени и јавни објекти;
  • објекти на културата и образованието;
  • спортски терени;
  • ботанички градини;
  • зоолошки градини;
  • зеленило на гробишта и
  • зеленило на други јавни отворени простори.

(2) Интензивното одржување подразбира:

  • редовно прихранување;
  • редовно косење;
  • кастрење жива ограда и ползавци, во склад со естетските и функционалните барања на видливоста и безбедното одвивање на сообраќајот;
  • нега на дрворедните садници во однос на наводнување, дренажа и кастрење на крошните, како и санитарна сеча во насока на заштита на дрвата;
  • обновување на растителниот материјал што е исушен или уништен;
  • редовно собирање на искосената трева, искастрените гранки и отпадот од зелените површини;
  • одржување на градинарско-архитектонски елементи;
  • одржување на инфраструктурни објекти и инсталации во функција на одржување на зеленилото;
  • заштита на растителниот материјал од штетници, пожари, снег, ниски или високи температури и други елементарни непогоди;
  • санитарна сеча и друго.
Член 28

(1) Во умерено одржувано зеленило спаѓаат:

  • парк-шуми;
  • заштитни зелени појаси покрај улици,
  • индустриски зони и слично,
  • рекултивирани копови, депонии и друго.

(2) Умереното одржување подразбира:

  • спроведување на неопходните мерки за санитарна сеча;
  • заштита од штетници и
  • заштита од пожари.
Член 29

(1) Постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење на оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење, започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност.

(2) Врз основа на поднесеното барање од ставот (1) на овој член, општината или градот Скопје должни се да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: “С” или кастрење: “К”).

(3) Со решението од став (1) на овој член се определува извршителот и рокот во кој истото ќе се спроведе, согласно со Правилникот од од член 12 став (3) од овој закон.

(4) Против решението од ставот (3) од овој член може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Член 30

(1) Одржувањето на зеленилото е соодветно на просторно-климатските услови на единицата на локална самоуправа.

(2) Нормативите за одржување на зеленилото, односно видот и бројот на операции во текот на една календарска година, се утврдуваат со Одлуката за зеленило, која единицата на локална самоуправа ја донесува согласно со овој закон.

(3) Одлуката од став (2) на овој член ги опфаќа сите потребни дозволени и забранети дејства за зачувување на дендрофондот, го утврдува начинот и процедурата на сечење на дрвата и материјалната и финансиската компензација за исечените дрва.

VII. ЗАШТИТА НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Член 31

Заштитени се сите дрвја, како од јавните така и од приватните површини, со обем на стебло над 40 цм, мерено во висина од 1,3 м, освен овошките, дрвјата во малите градини и дрвјата во шумите.

Зелен катастар

Член 32

(1) Заради заштита на зеленилото, општината или градот Скопје формира зелен катастар.

(2) Во зелениот катастар од став (1) од овој член, дрвата, грмушките и другите повеќегодишни растенија се евидентираат според бројот, видот, возраста, состојбата и локацијата.

(3) Катастарот ги евидентира сите зелени површини, дрва, останати насади, инфраструктура во функција на зеленилото, ретки, ендемични, реликтни видови, како и капитални примероци од дрва кои подлежат на посебна заштита како природно и културно наследство, независно од нивната сопственост, но и придружните содржини на зелените површини (парковски, градинарско-урбанистички и други содржини) и претставува нивна лична карта.

(4) Општината или градот Скопје редовно го ажурира зелениот катастар.

(5) Зелениот катастар е јавен документ, достапен на јавноста.

(6) Формата и начинот на водење на зелениот катастар се пропишани со Правилникот од членот 12 став (3) на овој закон.

Забранети активности на јавни зелени површини

Член 33

(1) На јавните зелени површини не е дозволено:

  • корнење, сечење и кастрење дрвја, грмушки и жива ограда;
  • било какво оштетување на зеленилото (соголување и засекување на стеблата, уништување на тревниците, кинење цвеќе, откорнување цветни и тревни бусени и друго);
  • деградирање на растителните услови (отстранување на земјата, откривање и оштетување на корењата, затрупување на стеблата, неовластено користење на системот за наводнување, промена на структурата и составот на почвата и друго);
  • собирање плодови и цветови од дрвјата;
  • неовластено копање и изнесување земја, копање канали, вршење прекопи и друго;
  • палење оган и палење стебла;
  • фрлање и оставање отпадоци во зеленилото;
  • истоварување и оставање стока, амбалажа, шут, градежен и огревен материјал и друго на или покрај зеленилото;
  • истурање нечиста вода и други течности што ја загадуваат и оштетуваат озеленетата површина;
  • чување и напасување добиток и живина;
  • уринирање и дефекација на домашни миленици;
  • закачување, ковање и потпирање на рекламни паноа, натписи и лепење плакати по дрвјата;
  • неовластено поставување, поправка, замена и преместување на објекти, уреди, инсталации, комунална опрема, киосци, рекламни паноа, натписи, знаци, патокази, соопштенија и друго;
  • уништување и оштетување објекти, уреди, инсталации, комунална опрема, рекламни паноа, натписи, знаци, патокази, соопштенија и слично и
  • минување, запирање, паркирање и оставање било кој вид возила и нивно миење.

(2) Неуредените површини, наменети за јавно зеленило, не може да се изнајмуваат или користат за поставување привремени објекти кои не се во склад со основната намена на земјиштето.

Дозволени активности на јавни зелени површини

Член 34

(1) Корнење, сечење и кастрење дрвја, грмушки и жива ограда на јавни зелени површини може да се врши заради нивно одржување или обновување, ако се нападнати од штетни инсекти и растителни болести, ако се суви или оштетени од елеменетарни непогоди, ако пречат на подземни или надземни инсталации, кога постои опасност да причинат човечки или материјални штети, ако пречат на видливоста на улиците и на проодноста на тротоарите и патеките, како и заради изградба на објекти предвидени со урбанистичките планови.

(2) Работите од ставот (1) на овој член се вршат само врз основа на решение издадено од општината или градот Скопје од член 29 на овој закон, со кое се утврдуваат условите и начинот за извршените работи.

Дозволени активности на останати зелени површни

Член 35

(1) Корнење, сечење и кастрење дрвја, грмушки и жива ограда на останатите зелени површини, меѓу кои и на површините на дворните места на индивидуално и колективно домување, може да се врши согласно со член 29 став (2) од овој закон.

(2) Сопствениците на зелени површини покрај сообраќајници, тротоари, велосипедски и пешачки патеки се должни да го одржуваат зеленилото и редовно да ги кастрат гранките и живата ограда кои му пречат на безбедното одвивање на сообраќајот или движењето на минувачите и да го одржуваат комуналниот ред.

(3) Комуналниот инспектор е должен да го опомене сопственикот на зелените површини од ставот (2) на овој член, да ги исполни своите обврски во рок од 7 дена, во спротивно работите од ставот (2) на овој член, ќе ги изврши вршителот на одржувањето на јавните зелени површини на сметка на сопственикот на зеленилото.

Компензациски мерки

Член 36

(1) Со решението за сечење на дрва се утврдува обврската на подносителот на барањето, да изврши компензациско садење со соодветен број дрва чиј збирен пречник одговара на пречникот на пресеченото дрво, при што новите дрва треба да бидат постари од 6 години.

(2) Ако пресеченото дрво се наоѓало во централно градско подрачје, компезациското садење изнесува двоен вкупен пречник на исеченото стебло.

(3) Компензациското садење се врши на истата парцела, а ако тоа не е можно, во пречник од 500 м од местото на исеченото стебло, на сопствена или туѓа парцела, со писмена согласност на сопственикот на парцелата.

Финансиска компензација

Член 37

(1) Ако компензациското садење не може да се реализира, подносителот на барањето плаќа парична компензација.

(2) Износот на паричната компензација се пресметува со методологија за проценка на паричната вредност на дрвото, што во соодветен акт го пропишува министерот на надлежниот државен орган од областа на животната средина.

(3) Уплатата на паричната компензација се врши пред издавање на решението за сечење, а се користи исклучиво за садење дрва во урбаните делови на општината, во согласност со Годишната оперативна програмата од членот 12 став (3) и условите од членот 36 на овој закон.

VIII. ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Финансирање на јавното зеленило

Член 38

(1) Средствата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје, предвидени со овој закон, се обезбедуваат од приходите од надоместокот за уредување на градежно земјиште од делот за заедничката комунална потрошувачка, во минимален износ од 2,5%.

(2) Средствата од ставот (1) на овој член, може да се обезбедуваат и од:

1) приходи од комунална такса за користење на јавни зелени површини за манифестации;

2) приходи од надоместокот за поставување рекламни паноа и истакнување на фирми на јавни зелени површини во минимален износ од 5%, на посебна наменска сметка;

3) приходи по основ на донации и

4) кредити и заеми.

Член 39

Средствата за одржување и заштита на јавното зеленило на подрачјето на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје, предвидени со овој закон, се обезбедуваат од:

1) надоместок за индивидуална комунална потрошувачка во согласност со Законот за комунални дејности и

2) други извори.

Финансирање на останатото зеленило

Член 40

Средствата за подигање, одржување, заштита и реконструкција на останатото зеленило ги обезбедува сопственикот или корисникот на објектот во чиј состав се наоѓа зеленилото.

IX. НАДЗОР

Надзор над спроведувањето на законот

Член 41

Надзор над спроведувањето на овој закон вршат Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт и врски, соодветно на надлежностите.

Инспекциски надзор

Член 42

Инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон вршат комуналните инспектори на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, согласно со закон.

Член 43

(1) При вршењето на инспекцискиот надзор комуналниот инспектор за утврдените неправилности составува записник и донесува решение за прекршоци кои не подлежат на мандатна казна.

(2) Пред донесувањето на решението од ставот (1) на овој член, комуналниот инспектор на правното или физичкото лице му изрекува опомена и му определува дополнителен рок од 7 дена да ги отстрани утврдените неправилности.

(3) Против решението на комуналниот инспектор од ставот (1) на овој член може да се поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението, до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

(4) Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

(5) Доколку правното или физичкото лице не постапи по решението на комуналниот инспектор, по истото ќе постапи давателот на услугата, на сметка на лицето наведено во решението.

(6) Формата и содржината на записникот од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.

X. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 44

(1) Глоба во износ од 500 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:

1) врши подигање и одржување на зеленило без да е регистриран и не поседува дозвола за вршење дејност согласно со член 14 од овој закон;

2) не обезбеди редовно и квалитетно одржување на зеленилото согласно со член 25 од овој закон;

3) ако не формира зелен катастар и тековно не го ажурира согласно со член 32 од овој закон;

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 45

(1) Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице кое е сопственик на зелената површина ако редовно не ја одржува согласно со член 25 став (1) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 46

Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече на физичко лице кое е сопственик на зелената површина ако редовно не ја одржува согласно со член 25 став (1) од овој закон.

Член 47

(1) Глоба во износ од 600 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако постапи спротивно на членовите 38 и 39 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 48

Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече на физичко лице ако постапи спротивно на членовите 38 и 39.

Член 49

(1) Глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице носител на лиценца за изработка на урбанистички планови ако изработи детален урбанистички план и архитектонско урбанистички проект спротивно на член 20 став (1) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член

Член 50

(1) Кога комуналниот инспектор на општината, односно на град Скопје, ќе утврди дека е сторен прекршок од членовите 40, 41 и 43 од овој закон, ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.

(2) Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд инспекторите од ставот (1) на овој член се должни да спроведат постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоци.

(3) Ако сторителот на прекршокот не ја плати мандатнатната казна во рок од 8 дена, комуналниот инспектор на општината, општината во градот Скопје, и градот Скопје поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред Комисијата за одлучување по прекршоци во Министерството за животна средина и просторно планирање.

(4) Средствата од глобите изречени во мандатна или прекршочна постапка од страна на комуналните инспектори од членот 42 од овој закон, се приход на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје.

Член 51

XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 52

(1) Усогласувањето на овој закон со други закони ќе се изврши во рок од 6 месеци од денот на влегување на сила на овој закон.

(2) Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од 6 месеци од денот на влегување на сила на овој закон.

Член 53

Општините и градот Скопје врз основа од член 30 став (2) на овој закон, донесуваат Одлука за зеленило, во рок од 3 месеци од денот на влегување на сила на овој закон.

Член 54

Со влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за зеленило(„Службен весник на Република Македонија“ број 71/16)

Член 55

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

I. ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ

Со Предлог законот за урбано зеленило се уредува планирањето, проектирањето, подигањето, одржувањето, заштитата и реконструкцијата на урбаното зеленилото, финансирањето и управувањето со него, како и надзорот над примената на одредбите на овој закон.

Главата прва „ОПШТИ ОДРЕДБИ“ ги опфаќа членовите 1, 2, 3, 4, 5, и 6.

Во членот 1 е уреден предметот на самиот закон, како и тоа што се подразбира под поимот урбано зеленило.

Со членот 2 им се дава дефиниција на одделни изрази употребувани во Законот.

Со членот 3 е пропишана основната цел на урбаното зеленило, како и спроведување на неговите функции.

Членот 4 ги уредува посебните цели на урбаното зеленило.

Членот 5 го регулира начинот преку кој се остваруваат целите од членовите 3 и 4.

Во членот 6 се пропишани основните принципи за заштита и унапредување на зеленилото.

Во втората Глава „ВИДОВИ ЗЕЛЕНИЛО“ уредени се членовите 7, 8, 9, 10 и 11.

Во членот 7 предвидено е дека урбаното зеленило може да биде јавно и останато.

Јавното зеленило и типовите на јавно зеленило регулирани се во членовите 8 и 9 како зелени површини или земјиште наменето за озеленување со основна намена да бидат урбано зеленило, под надлежност на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје.

Останато зеленило и типовите на останато зеленило се регулирани во членовите 10 и 11 како зелени површини или земјиште наменето за озеленување кои претставуваат придружна содржина на други основни намени, а се во сопственост на физички и правни лица, или дадени на нивно користење.

Со главата три се уредува прашањето за управување со зеленилото.

Надлежноста за управување со зеленилото е регулирана во членовите 12, 13 и 14.

Во главата четири уредено е планирањето и проектирањето на урбаното зеленило.

Планирањето на зеленилото е регулирано во член 15, планирањето на просторот за зеленило во член 16, изработката на планската документација во член 17, а изработката на проектно-техничка документација во член 18.

Членовите 19 и 20 се однесуваат на стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленило. Пропишано е дека во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, потребно е да се обезбеди 25м2 зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на град, како и обврската при изработка на деталните урбанистички планови и архитектонско-урбанистичките проекти, да се обезбеди најмалку 20% зеленило на секоја градежна парцела. За градежните парцели кои се наоѓаат во градски подрачја каде не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина или на локации со веќе изградени објекти може да се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади. Обемот на зелената површина ќе се дефинира со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, зависно од видот, намената и големината на локацијата, кој го пропишува министерот за транспорт и врски.

Членот 21 уредува дека Министерството за животна средина и просторно планирање, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да предвидат средства во Буџетот на Република Македонија,буџетите на општините и буџетот на градот Скопје, за обезбедување на стандардот од 25м2 зеленило по жител,како за новите објекти така и за веќе изградените објекти.

Членот 22 уредува дека во текот на постапката за добивање одобрение за градење, надлежниот орган на инвеститорот во изводот му дефинира процент на зеленило во согласност со овој закон.

Подигањето на зеленилото е регулирано во глава пет, каде со членот 23 е пропишано дека подигањето се врши врз основа на проектно-техничката документација за проектирање и подигање зеленило, додека условите за издавање на употребна дозвола се регулирани во членот 24.

Во главата шест, поконкретно со членовите 25, 26, 27, 28, 29 и 30 се регулира одржувањето на зеленилото.

Заштитата на зеленилото е пропишана во главата седум.

Со членот 31 се заштитуваат сите дрва со обем на стебло над 40 цм, мерено во висина од 1,3 м, освен овошките, дрвата во малите градини и дрвата во шумите.

Прашањето за формирање на Зелен катастар како јавен документ се пропишува во членот 32 и во него се евидентираат дрвата, грмушките и другите повеќегодишни растенија, според бројот, видот, возраста, состојбата и локацијата, како и сите зелени површини, дрва, останати насади, инфраструктура во функција на зеленилото, ретки, ендемични, реликтни видови, како и капитални примероци од дрва кои подлежат на посебна заштита како природно и културно наследство, независно од нивната сопственост, но и придружните содржини на зелените површини (парковски, градинарско-урбанистички и други содржини) и претставува нивна лична карта.

Членот 33 ги опфаќа забранетите активности на јавни зелени површини, членот 34 дозволените активности на јавни зелени површини, членот 35 дозволените активности на останатите зелени површини, членот 36 компензациските мерки, а членот 37 финансиската компензација.

Прашањето за финансирањето на зеленилото е регулирано во осмата глава.

Во членовите 38 и 39 се уредени изворите за финансирање на јавното зеленило, а членот 40 го уредува начинот на финансирање на останатото зеленило.

Членовите 41, 42 и 43 се дел од деветтата глава која го уредува прашањето за надзор на спроведувањето на законот и инспекцискиот надзор.

Во членовите 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51 пропишани се казнените одредби за сторените прекршоци и истите ја опфаќаат главата десет „КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ“.

Главата единаесет е глава каде се регулирани преодните и завршните одредби. Во членот 52 во рокот од 6 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се изврши усогласување на законот со други закони и ќе се донесат подзаконските акти предвидени со него.

Во членот 53 уреден е рокот од 3 месеци од денот на влегување на сила на овој закон,како рок во кој општините и градот Скопје треба да одлуката за зеленило

Со членот 54 престанува да важи Законот за зеленило („Службен весник на Република Македонија“ број 71/16).

Влегувањето во сила е пропишано во членот 55.

II. МЕЃУСЕБНАТА ПОВРЗАНОСТ НА РЕШЕНИЈАТА СОДРЖАНИ ВО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ОДРЕДБИ

Решенијата содржани во предложените одредби на Предлог законот за урбано зеленило се меѓусебно поврзани и преставуваат една правна целина.

III. ПОСЛЕДИЦИ ШТО ЌЕ ПРОИЗЛЕЗАТ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА

Со предложениот закон за зеленило ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон, а со тоа ќе се обезбеди подобар квалитет на здравјето и животот на граѓаните.