Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, со членови од раководството денес одржа средба со францускиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоније. Беше искажано признание за Република Франција за нејзиниот ангажман на планот на животната средина со историскиот Самит за климатски промени во Париз, по што наша обврска останува ратификација на Договорот на една од првите седници на новото Собрание. Франција има поддржано многу проекти за заштита на животната средина во Македонија, меѓу кои и физибилити студијата за пречистителна станица за води во Скопје.
На средбата се разговараше и за големите можности на Македонија за развој на туризмот. ДОМ беше прва партија која го стави туризмот во своите програмски приоритети пред 10 години и работеше посветено за развој на еко-туризмот во изминатиот период.
Во разговорот беа истакнати заложбите на ДОМ за што побрзо формирање влада која во своите приоритети ќе ги има препораките на Прибе и зелениот програмски пакет на ДОМ за здрав и квалитетен живот. Поповска изрази надеж дека сите актери на политичката сцена ќе се водат од поширокиот интерес на Република Македонија и низ дијалог и меѓусебно почитување ќе изградат мостови за соработка, во интерес на сите граѓани, како и на стабилноста на земјата и регионот.