ДОМ: Пакет закони во урбанизмот во првите 100 дена од новата влада

Тргнувајќи од фактот дека 20% од загадувањето на воздухот со штетни ПМ10 честички доаѓа од градежништвото и од антиеколошката урбана експанзија, ДОМ инсистира на донесување на пакет закони и мерки во урбанизмот во првите 100 дена од новата влада, како што стои и во нашата предизборна програма:

1) Стопирање и ревизија на сите штетни ДУП-ови и ГУП-ови

Урбанистичките планови треба да се базираат врз урбанистички стандарди и нормативи кои водат сметка за намената на просторот, густината на населението, висината на објектите, зелени површини, проветрување, изложеност на сонце, проток на сообраќај и редица стручни параметри. Само така може да се обезбеди здраво и квалитетно живеење на граѓаните.

2) Закон за урбано зеленило      

ДОМ во соработка со експерти од институциите изработи Закон за зеленило, по примерот на германските и австриските закони, со нормативи од 25 метри квадратни зеленило по жител на ниво на град и 10-30% зеленило на ниво на градежна парцела, како и со задолжителен зелен катастар. Законот во три наврати беше одбиен во Собранието, а се донесе т.н. Закон за зеленило, без нормативи и без механизми за негова заштита. Очекуваме новото парламентарно мнозинство да донесе вистински Закон за урбано зеленило.

3) Закони за Градски архитект

ДОМ уште пред 5 години подготви измени на Законот за Град Скопје и Законот за локална самоуправа, во соработка со двете здруженија на архитекти и со консултација со граѓаните преку јавни расправи. Целта беше да се врати функцијата градски архитект, збогатена со Совет на градски архитекти. Согласно oвој закон архитектите требаше да бидат предлагани од еснафските здруженија, а тие како стручни лица да нудат концепти за одржлив урбан развој на градовите и да промовираат современи естетски решенија наместо кич. За жал и овие законски предлози беа одбиени во Собранието.

4) Нови закони за просторно и урбанистичко планирање и за градење

Новите законски измени треба да бидат во согласност со Законот за урбано зеленило и да ги отстранат проблематичните одредби во постојната регулатива, која е скроена по мерка на

инвеститорите, а не по мерка на граѓаните. Со новите закони мора да се овозможи реален увид на граѓаните при носењето ДУП или ГУП и реална можност за нивно влијание врз одлуката за тоа што и како ќе се гради во нивните дворови и околина.

Овој пакет закони во урбанизмот ќе претставува брана пред напливот на желбите и интересите на политичарите и инвеститорите, а во функција на потребите на граѓаните за хумано, здраво и квалитетно живеење.