Министерскиот состанок за енергетика на балканските земји, со присуство и на еврокомесарот Хан е потсетување дека на овој регион му треба енергетска револуција наместо балканска крчма. ЕУ ни отвори можност за 50 милиони евра за проекти од обновливи енергии и енергетска ефикасност, во функција на почиста животна средина. Ни понуди пат кон здрав и квалитетен живот, со европски стандарди преку Програмата за регионална енергетска ефикасност и Фондот за зелен раст. Ефекти би биле смалување на потрошувачката и увозот на енергија, како и на емисијата на штетни гасови.
Ова се тие европски фондови за кои ДОМ зборува со години и бара Владата сериозно да ја сфати енергетската трансформација и преминот од загадувачки технологии на јаглен, кон чисти зелени технологии. Ова е патот кон зелена економија, напредна, евтина и чиста. Но мора да постои Влада која ќе ги прифати модерните текови, ќе го стави ова во приоритети и ќе потроши 10-15% од вредноста на вакви проекти, за да ги искористи овие фондови.
Македонија треба што поскоро да го заокружи изборниот процес со формирање Влада која ќе се зафати со реформски проекти, меѓу кои и за енергетска трансформација на земјата. Потребна ни е современа стратегија за енергетика, а не постојната која предвидува само 0,1% сончева енергија во вкупниот енергетски биланс и незначителни проценти од останатите обновливи извори. Потребни ни се современи закони за енергетика, со силни програми за користење обновливи енергии, пред се сонце и ветер, како и за енергетска ефикасност. За да се создаде законска можност секој правен субјект и секој граѓанин да можат да произведувааат, да разменуваат и да продаваат електрична енергија.