ДОМ: Вонредна состојба за спас од загадениот воздух!

ДОМ предлага Владата да прогласи вонредна состојба поради екстремното аерозагадување. Тоа е последна можност граѓаните да ја запомнат Владата во заминување барем по нешто полезно за нивното здравје! Зашто податоците за 1200 смртни случаи и финансиски загуби од 250 милиони евра годишно како резултат на загадениот воздух се поразителни!

Владата во заминување требаше да покаже доблест и уште на почетоков на зимата да го свика меѓусекторското Координативно тело формирано уште во 2011 година од служби на Градот Скопје, Министерството за животна средина и сите надлежни инспекторати и институции задолжени за животната средина. Тоа тело може на експресен начин да ги утврди состојбите со загадувањето и да ги задолжи сите министерства и други надлежни институции да преземат сериозни мерки за спас од загадениот воздух.

Во изминативе години ДОМ безброј пати јавно предлагаше итни, среднорочни и долгорочни мерки за справување со аерозагадувањето. Некои мерки влегоа во законска регулатива, други во програмските документи на институциите, но недостасуваше волја за нивно доследно спроведување.

Затоа сега, во услови на 20 пати повисока од дозволената концентрација на ПМ10 честички, ДОМ инсистира на следниве итни мерки во градовите:

  • Воведување пар-непар, по примерот на Париз и Сараево.
  • Бесплатен јавен превоз, повеќе автобуси во јавниот превоз и јавен превоз во градови кај што го нема
  • Воведување ефтина дневна тарифа за струја на домаќинствата
  • Затворање на градилиштата
  • Зелена зона за пешаци и велосипедисти во центарот
  • Забрана за возила под Еуро 4 стандард во градскиот сообраќај
  • Субвенции за печки со целосно согорување и квалитетни горива во домаќинствата
  • Редовно миење на улиците со калциум-магнезиум ацетат
  • Строга контрола на индустриските објекти, особено ноќе и за време на викенди
  • Редовно собирање на отпадот.

ДОМ продолжува да се бори заедно со граѓаните за здрава животна средина, затоа ги повикуваме сите граѓани да се приклучат на утрешниот Протест за чист воздух и здрави деца!