Во рамките на работната посета на ДОМ, ко-претседателот на Европските зелени и европарламентарец, Рајнхард Бутикофер, учествуваше на Конференцијата посветена на Зелените политики како катализатор на македонската демократија и квалитетот на живеење, во организација на Зелениот институт и холандската фондација, Биро де Хелинг.
Меѓу другото, Бутикофер истакна дека на македонското општество му е потребна целосна зелена трансформација во поглед на подобрувањето на квалитетот на животот и за поширока демократизација што очекува да се случи по парламентарните избори во Македонија. Тој изрази и целосна поддршка на ДОМ и на претседателката, Лилјана Поповсказа нивните предизборни активности и нивната доследна политика насочена кон развој на демократските вредности, заштитата на човековите права и унапредување на зелените политики во заштита на животната средина.
Лилјана Поповска изрази задоволство од поддршката на Европските Зелени во предизборните активности и најави дека уште поинтензивно ќе се работи на промоцијата на зелените политики, а посебно ќе се заложат за користење на европските програми и фондови во периодот пред да заврши процесот на евро-интеграција. За што токму на таков начин ќе се реализираат проекти во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Поповска како главни предизвици на зелената политика кај нас ги посочи: недостатокот на демократија, отежнатниот пристап кон правдата, анти-еколошките дејствувања на одговорните институции. Масовно се злоупотребува зеленилото за да се изградат несоодветни објекти, а се во интерес на бизнис-елитата. Неопходно е да се смени концептот и наместо бизнис пристап да се воведе концептот на одржливост со грижа за животната средина, здравјето и квалитетот на животот на граѓаните.