ДОМ: Честитки и почит за ОМД за добивање нови пријатели на Македонија

ДОМ упатува честитки за ОМД – Обединетата македонска дијаспора, за добивање нови пријатели на Македонија, овојпат – тројца нови членови на групата во американскиот Конгрес, која достигна 27 члена. Со ова ОМД уште еднаш покажа како се работи за својата матична земја, со љубов и посветеност, но и со професионализам и пристојно однесување, кое во светот се цени.

Сметаме дека граѓаните на Република Македонија треба да и оддадат почит на ОМД за достоинственото претставување на земјата со одмерени и коректни ставови, како и со пригоден речник на образовани и цивилизирани луѓе. Нејзините претставници досега во многу прилики покажаа завидни дипломатски вештини, кои, за жал, понекогаш ги надминуваат и оние на поединечни официјални претставници на Република Македонија.

Жалиме што од македонските институции немаше соодветна реакција на јавното навредување на ОМД од страна на македонскиот економски промотор во САД. Тој треба да биде повлечен поради недостојниот речник, со кој ја засрами земјата и и нанесе штета на нејзиниот углед. Истовремено, тој ја омаловажи работата и значењето на оваа значајна организација, која за кусо време успеа да прерасне во одличен лобист за нашите државни интереси.