Не сме изненадени од 30.000 спорни гласачикои не се пријавија до ДИК. Тоа е потврда на тврдењето на граѓаните, невладините организации и опозициските политички партии дека има “фантомски” гласачи на Избирачкиот список.
Со бришењето на овие 30.000 спорни гласачи нема да се постигне потполно чист Избирачки список, но е добар чекор во правец на враќање на довербата на граѓаните во списокот. Новата власт по изборите ќе мора да покаже политичка волја и професионалност и да ја доврши работата со прочистувањето на Избирaчкиот список. Потсетуваме дека првично ДИК со консензус оцени дека има 330.000 спорни гласачи на списокот.
Tочно е дека меѓу 39.502 спорни гласачи се најдоа граѓани кои ниту по еден основ не се спорни и тие со право беа револтирани. Се надеваме дека доколку сеуште не ја искористиле можноста да се пријават во ДИК, ќе го сторат тоа во периодот пред изборите кога Избирачкиот список ќе биде ставен на увид. Се сомневаме дека тоа беше намерно направено од страна на власта и дел од членовите на ДИК, со цел да се исмее потребата за прочистување на списокот и тврдењето на опозицијата дека има “фантомски” гласачи на Избирачкиот список.
Добро е што 172.000 гласачи кои не живеат во Република Македонија ќе бидат ставени на посебен список, со што ќе се намалат можностите некој друг да гласа во нивно име. Исто така, задоволни сме што на Избирачкиот список ќе има фотографии што ќе придонесе за намалени манипулации со гласачите.